Повисоки плати – остварливо или лажно ветување?

Повисока минимална и просечна плата – вети Владата на СДСМ. Во програмата е наведено дека годишно ќе се вработуваат по 16 илјади луѓе во приватниот сектор (вкупно 64 илјади луѓе за целиот мандат), дека минималецот ќе достигне 16 илјади луѓе, а просечните примања ќе изнесуваат 30 илјади денари или 500 евра, пишува Лидер.

„Определбата на Владата е да настојува да се подигне нивото на платите во економијата. На крајот на мандатот, минималната плата во економијата треба да ги покрива неопходните трошоци за живот. Растот на платите треба да прави притисок да се зголемува продуктивноста во економијата“ – се вели меѓудругото во програмата на Владата.

Но, дали и како е ова остварливо? Премиерот Заев тврди дека ветувањата ќе ги остварат.

„Јас верувам дека тоа може да се случи во 2019 година за просечната плата, а минималната плата од 16 илјади денари ветивме дека ќе се постигне до крајот на мандатот. Тоа е делумно врзано со растот на БДП, но е врзано и со мерките и механизмите со кои што еден економист може да ги разигра вкупните политики“ – изјави Заев.

Сепак, поранешниот економски тим во кабинетот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека секое зголемување на платите по административен пат може да доведе до зголемување на невработеноста.

„Фирмите се субјекти во кои профитот е основна мотивација. Доколку на административен начин се зголеми цената на производот, односно цената на услугата, во тој случај може да дојде до намалување на профитот, креирање загуби, како и отпуштање на работна сила. Ова значи дека ефектите ќе бидат сосема спротивни“ – изјави поранешниот министер за финансии Кирил Миноски.

Сличен став дели и поранешниот заменик-министер за економија.

„Многу е реално да има плата од 30 илјади денари, но тој тренд треба да се одвива природно. Во економијата тоа е познато и значи дека треба да се креира повеќе и да се донесат повеќе странски инвестиции, да се промовира Македонија како бизнис-дестинација, да се отвораат работни места. Само така може да има ефект, но доколку со закон се воведе оваа плата ќе се направи само контра ефект, наместо креирање нови работни места, за жал, би имало отпуштање“ – вели Христијан Делев.

Каков е ставот на социјалните партнери?

Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека има простор за раст на минималната плата, а тоа сметаат дека ќе биде катализатор и за општ раст на платите.

„Анализите покажуваат дека може во најмала рака да се оди со покачување од 20 проценти на минималната плата и тоа веднаш. Доколку работодавачите се согласат дека има простор за покачување на минималната плата и за повеќе од 20 проценти, ќе одиме и со повисоко зголемување во текот на годинава“ – смета претседателот на ССК Живко Митревски.

Сепак, работодавачите, односно оние од кои зависи дали платите ќе се зголемат, порачуваат дека не може да бидат заобиколени во целиот процес.

„Сметам дека без консензус на сите заинтересирани страни не може да се донесе самостојна одлука за зголемување на минималната плата“ – изјави Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.

Избрзан потег може да доведе до отпуштања

Решението за повисоки плати не смее да ги загрози компаниите и да предизвика отпуштање работници поради зголемени трошоци на фирмите, а не треба ниту да ги поттикне компаниите да се обидуваат да ги изиграат законите. Од Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ излегоа со предупредување околу зголемувањето на минималецот.

„Најавеното зголемување на минималната плата на 12.000 денари годинава се очекува да го подобри животниот стандард на работниците со вакви примања. Сепак, наглото зголемување на минималната плата до предвидените 16.000 денари може да предизвика спротивен ефект, ако работодавците не можат да го издржат овој товар“ – порачаа од Институтот.

Клучот за повисоки просечни плати е раст на БДП и зголемена продуктивност, објаснуваат економистите.

„За објективно зголемување на висината на платата влијаат повеќе параметри, но клучно е дека во рамките на социјалниот дијалог е потребно да има развиена свест, како и да има економска основа за да може да се зголемуваат платите“ – смета универзитетскиот професор Лазар Јовевски.

„Покачувањето на платите е зависно од продуктивноста на компаниите, односно од продуктивноста на вработениот. Единствен начин за зголемување на платите е зголемување на продуктивноста на вработениот“ – објасни професорот Предраг Трпески на трибина организирана за овие прашања.

Што покажува статистиката?

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, просечната нето-плата по вработен на крајот од првиот квартал годинава изнесувала 22 илјади 445 денари. Ова значи дека за премиерот Заев да го исполни даденото ветување, просечната плата во земјава треба да порасне за над 7.500 денари. Просечната бруто-плата, пак, во моментов изнесува 33 илјади денари. Највисоки примања имаат вработените во воздухопловниот транспорт, компјутерското програмирање, фармацевтскиот сектор, во телекомуникациите. Најмали плати имаат вработените во производството на кожа и облека, рибарство и аквакултура, производство на мебел, услуги поврзани со одржување згради и животна средина.

Плата за 70% од синдикалната кошница

Ако се направи паралела помеѓу просечната плата во земјава и синдикалната кошница (пресметана од ССМ), тогаш може да се заклучи дека со една просечна плата се покриваат едвај 70% од потребите на едно семејство, доколку како репер се земе вредноста на синдикалната кошница од 32 илјади 233 денари (податоци за април). Кошницата ги опфаќа трошоците за храна, пијалаци, домување, хигиена, превоз, култура, облека и здравје на едно четиричлено семејство, кое живее во стан од 50 квадратни метри и не поседува автомобил.

lkms