Следната недела уште едно задолжување на домашен пазар од 13 милиони евра

Продолжуваат задолжувањата на домашен пазар. Преку аукција на државни записи и обврзници министерството за финансии следниот вторник на 18 јуни планира да ја задолжи државата со уште 13 милиони евра.

Според објавениот проспект на аукција понудени се 12 месечни државни записи без девизна клаузула во вредност од 750 милиони денари или 12,2 милиони евра со каматна стапка од 1,85% и 15 годишни државни обврзници во вредност од 50 милиони дненари или нешто повеќе од 815 илјади евра со каматна стапка од 3,8%

За нешто повеќе од еден месец, Владата на СДСМ ја задолжи државата на домашниот пазар за околу 60 милиони евра, иако во предизборната кампања партијата ветуваше дека нема да има нови задолжувања

Објаснувањето на министерот за финансии Драган Тевдовски е дека во Буџетот за 2017 година е предвидено финансирање на буџетскиот дефицит од домашниот пазар и од странско задолжување.

Според него предноста на задолжување на домашен пазар е во тоа што има пониски каматни стапки на инструментите кои се нудат и тоа од 1,45 кај шестмесечните државни записи до 3,8% кај 15 годишната државна обврзница за разлика од задолжувањето на меѓународниот пазар каде што на последната еврообврзница имаше каматна стапка од 5,6% за рочност од 6 години.

Најави дека Министерството за финансии ќе ја намали фреквенцијата на одржување на аукции на државни хартии од вредност, на два пати месечно.

Инаку според проекците во ребалансот на Буџетот, Владата планира до крајот на годината да се задолжи со околу 650 милиони евра од кои 20,7 милјарди денари или околу 350 милиони евра на домашен пазар, додека во однос на странското задолжување во буџетот предвиден е износ од 18,4 ммилјарди денари или 300 милиони евра.

Министерот Тевдовски најави дека се разгледува можноста за издавање на еврообврзници, но тоа ќе зависи од движењето на каматните стапки на меѓународниот пазар на капитал, можноста на домашниот пазар на хартии од вредност целосно да одговори на потребите за финансирање, како и од состојбата од реализацијата на приходите и расходите во рамки на Буџетот.
Според календарот до крајот на годината има уште 11 аукции на државни хартии од вредност.

Александра Спасевска