Странските инвеститори добиле 225 милиони евра државна помош

Над 225 милиони евра од државниот буџет биле потрошени за влез на 25 компании на странски инвеститори кои вработиле 20.000 лица. Тоа значи дека поранешната влада потрошила од буџетот во просек по 11 илјади евра по едно работно место, објави денеска новата Влада на Република Македонија.

Портпаролот на Владата Mиле Бошњаковски на прес-конференција истакна дека повеќето од овие работни места не биле нововработени, туку биле работници преземени од македонското стопанство.

– Ова е сумираниот резултат од декласификацијата на договорите склучени во затворен круг и кои биле затворени за јавноста. Договори со кои се игнорирало македонското стопанство. Сакаме да појасниме дека не постоел документ или водич со јасни критериуми за преговарање или, барем, ние не го најдовме. Критериуми не постоеле. Преговарале министри, советници, промотори без никакви критериуми. Кога завршувале преговорите, владата на Никола Груевски ги класифицирала договорите, односно ја обезбедувала нивната тајност, истакна Бошњаковски.

Тој рече дека сите овие договори се уште имаат важност и оти Владата ќе ги исполни во целост сите обврски кон сите странски инвеститори.

Агенцијата за странски инвестиции, технолошко-индустриските развојни зони, како и министрите без ресор во поранешната влада потрошиле кеш пари во неповратни грантови во износ од 26 милиони евра. На странските директни инвеститори за креирање работни места им биле дадени 14 милиони евра, за обуки пет милиони евра и за градежни работи 10 милиони евра.

Во периодот од 2007 заклучно со мај 2017 година, вкупното даночно олеснување кое странските инвеститори го добиле по основ на даночно и царинско ослободување изнесува 59 милиони евра. – Овие пари можеле, но не влегле во буџетот на РМ, рече Бошњаковски.

Тој додаде дека анализата направена од страна на новата Влада покажува дека странските инвеститори само еден процент од своите набавки го правеле од македонски компании.

Бошњаковски посочи дека по декласификацијата на договорите, податоците се јавно достапни и дека сето ова ќе биде доставено и до македонските правосудни органи.

Ова е првата прес-конференција на која Владата излезе со дел од информациите од направената анализа за трошоците наспроти резултатите од странските директни инвестиции за периодот од 2007 до мај 2017 година. Во наредните денови Владата на нова прес-конференција ќе објави подетални информации за потрошените 130 милиони евра кои биле издвоени за привлекување на странските инвеститори.