Технопласт е втората домашна компанија која почна да гради во Бунарџик

Нов производствен капацитет почна да се гради денеска во технолошко индустриската развоја зона. Станува збор за компанијата Технопласт, која е втора по ред домашна компанија со своја инвестиција во слободните зони. Компанијата ќе произведува пластични компоненти кои ќе се извезуваат на странските пазари, а ќе бидат наменети за автомобилските брендови Мерцедес, Ауди, Порше, Рено и Нисан.

Ќе се отворат 200 нови работни места, а инвестицијата е во висина од 10 милиони евра. Сопственикот на компанијата истакна дека изградбата на компанијата ќе биде завршена до крајот на 2017 година. Проектот ќе се реализира во две фази. Во првата фаза, ќе се изгради објект на површина од 4.200 метри квадратни во кој ќе се вработат 100 лица, а во втората ќе се догради објект со површина од 3.000 метри квадратни во кој ќе се вработат дополнителни 100 лица.

„Производите ќе се пласираат на странските пазари, а деловите ќе се вградуваат во познати автомобилски брендови како мерцедес, Ауди, БМВ, но и останати брендови. Изградбата на компанијата почнува денеска, а ќе заврши до крајот на 2017 та година“ изјави Ѓорче Тодоровски, сопственик на Технопласт.

На камен темелникот присуствуваа премиерот Емил Димитриев, лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски и директорот на ТИРЗ Виктор Мизо. Задоволство е ако се има предвид дека уште една домашна компанија инвестира во зоните, а политиките на економскиот тим на Владата во изминатиот период ја позиционираа Македонија на врвот од европските земјиз а водење бизнис, истакна Димитриев.

„Ова е најдобар пример како домашните компании за поволностите кои ги нуди Владата во слободните зони, се работи за домашна компанија, која што работи во М и одлучи своето производство да го прошири и да ги искористи сите бенефиции кои произлегуваат од инвестирањето. Се работи за фирма која ќе произведува пластични делови за извоз, инвестицијата е од 10 милиони евра, а ќе се реализираат 200 вработувања“ изјави Емил Димитриев, премиер на Р. М.

Вложувањата доаѓаат како резултат од потребата за реализација на веќе постоечките проекти кои компанијата ги има со реномираните компании од автомобилската и електроиндустријата. Фактот што ова е втора домашна компанија која инвестира во Бунарџик, значи демант на сите претходни обвинувања од страна на опозицијата изјави Груевски за ТВ НОВА.

„Долго време бевме неправично обвинувани од опозицијата дека само странските компании можат да инвестираат, еве веќе на дело, втор пат се покажува дека тоа не е така. Прво Хајтек, па сега и оваа компанија стартува со реализација на инвестицијата. Оваа компанија ќе значи уште еден дополнителен придонес за намалувањето на невработеноста, во декември го потпишавме договорот. Ќе значи 200 директни нови работни места. Тие ќе добијат извесност и перспектива, шанса и среќа, плус индиректни вработувања. Се планира да се произведуваат пластични делови за автомобилската индустрија и делови поврзани со медицината“ изјави Никола Груевски, лидер на ВМРО ДПМНЕ.

ФПЦ Технопласт е фирма-ќерка на компанијата „Тетепласт” која функционира во Македонија скоро 20 години и своето производство, пред сѐ, го наменува за странскиот пазар. Во декември минатата година Технопласт го потпиша договорот со Владата за инвестирање во Бунарџик. Сопствениците тогаш изјавија дека целта на компанијата е продлабочување на соработката со странските инвеститори лоцирани во индустриските зони.

Љупка Камчева