Заев најави нов пакет мерки за привлекување странски инвестиции

Условите за странските инвеститори во Македонија континуирано се подобруваат, а така продолжува и новата Влада, најави премиерот Зоран Заев на денешната средба со германските инвеститори, членки на Македонско-германското стопанско здружение.

– Продолжуваме да ви служиме во надминување на сите проблеми. Сметајте на нашата поддршка за секоја ваша идеја тука сме да ја охрабриме. Ако не се најде решение во прв момент, сигурно ќе се најде во втор, порача премиерот Заев.

Најави дека утре ќе биде објавен нов пакет мерки за привлекување странски инвестиции кои, како што рече, претежно ќе биде наменет за нови инвеститори, но ќе се однесува и за старите. Измените во новиот пакет ќе бидат во насока на поголемо стимулирање на компаниите што повеќе вложуваат во развојот, а тоа, како што кажа, ќе се контролира од завршната сметка. Тој ги повика странските инвеститори во наредниов период да помогнат во изнаоѓање решенија за од Нова година да почнат да функционираат новите мерки.

– Владата ќе се залага да создаде стабилна бизнис клима со економски политики кои се темелат на фер и транспарентна распределба и еднаков третман на домашните и странските инвеститори. Досега се поддржуваше и финасираше бизнис идеја, а сега ќе се финасираат резултати. Субвенциите ќе зависат од извозот и висината на платите и ќе се доделуваат врз основа на резултати, рече Заев.

Стимулација, како што посочи, ќе има и за зголемување на извозот на компаниите, но и на висината на платите и вети барање на секакви начини за да се намалат административните бариери и инвеститорите своето внимание да го насочат кон развој и создавање на профит.

Претставникот на Германската стопанска комора Патрик Мартенс нагласи дека Комората во наредниот период ќе биде фокусирана на подобрување на стручното образование во земјава и додаде дека наскоро во Македонија ќе дојдат инструктори кои ќе вршат обука во претпријатијата со цел да се создаде стручна работна сила.

– Германското стопанско здружение ја надмина бројката од 200 компании членки и со тоа е најголемото билатерално стопанско здружение во Македонија, рече Мартенс и додаде дека во моментов повеќе од 15.000 лица се вработен во компаниите во Македонија, а чии инвеститори се од Германија.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев посочи дека задача на Владата е да креира амбиент и мерки кои ќе помогнат бизнисот побрзо да расте.

Новите мерки што ќе бидат предложени утре, нагласи, во наредните две недели ќе бидат отворени за коментари од бизнис заедницата и засегнатите и додаде дека се направени во консултации со стопанските комори и бизнисмените.

– Мерките се насочени да стимулираат резултати кои ќе иницираат раст во Македонија, а со тоа и раст на БДП под услов да не се намалува бројот на вработени. Подеднакво ќе бидат насочени кон странските и домашните инвеститори, потенцира Анѓушев.

Како што истакна, подеднакво ќе се однесуваат за гринфилд и браунфилд инвестициите во ТИРЗ и надовор од ТИРЗ, а ќе се стимулираат и извозно ориентираните фирми, но и стартапите и новите компании.

– Македонија треба многу да учи од германското стопанство, а Германското стопанско здружение може многу да помогне во тоа, посочи Анѓушев.

Повтори дека целосно ќе бидат испочитувани сите договори што се склучени со странските инвеститори, но ќе бидат транспарентни.

Во одговор на прашање од стпанствениците, премиерот Заев рече дека Македонија по примерот на Германија и Австрија ќе го воведе дуалното образование во средното и високото образование со цел продуцирање кадри кои се неопходни на стопанството.

– Македонија мора веднаш да престане да образува кадри кои не е потребни на пазарот на трудот, рече Заев.

Во врска со проблемите што ги имаат македонските транспортери за обезбедување на ЦЕМТ дозволите, премиерот рече дека ќе се намалуваат кога земјава ќе ги почне преговорите за членство со Унијата со секое отворање ново поглавје, а дотогаш вети фер и транспарентна распределба на дозволите.

Претседателот на Владата најави дека Македонија ќе воведе реципроцитет за сите земји кои имаат бариери за македонските бизнисмени при регистрацијата и извозот на производите во нивната земја. Првично, како што рече, ќе се направат билатерални контакти за да се отстранат бариерите, а доколку не дојде до резултат ќе бидат воведени реципрочни мерки.