БРИТАНЦИТЕ РЕАГИРААТ: Египетските аеродроми не се безбедни

Британски експерти за безбедност во авионскиот сообраќај тврдат дека контролата на аеродромите во Египет и натаму е „слаба и непостојана“, и покрај уверувањата на египетските власти дека состојбата е значително подобрена.

Во изјава за Би-Би-Си, експертите велат дека проверката на аеродромите со скенерите и од страна на безбедносните лица се уште е несигурна.

Патниците означени како ВИП, редовно одбиваат да бидат изложени на безбедносни проверки, а така се однесуваат и египетските пратеници кои при патувњата не дозволуваат да бидат претресувани.

Експертите предупредуваат и на однесувањето на аеродромските служби, за кои велат дека во целата таа значајна работа се однесуваат крајно „рутински“ кон надгледувањето на безбедносните скенери.

Критиките за безбедносната состојба на египетските аеродроми се појавија по вчерашниот инцидент, кога патник киднапира авиони на „Иџиптер“ веднаш по неговото полетување од Александрија кон Каиро и од пилотите побара да летаат кон Кипар.

На пилотите и на патниците им се заканувал дека на себе имал елек на бомбаш-самоубиец.

По завршувањето на „заложничката драма“ на аеродромот во Ларнака, со ослободување на сите патници и со предавање на грабнувачот, без употреба на сила, египетските министерства за внатрешни работи и за туризам, соопштија дека авионот бил грабнат со лажен бомбашки елек.

Во Каиро беа емитувани снимки од безбедносните камери на контролните пунктови на кои се гледа дека киднаперот Сеиф Ел Дин Мустафа бил проверен на скенер на неколку пункта, а дека властите ги примениле сите важечки безбедносни норми.

Британските експерти сепак остануваат на критиките дека на египетските аеродроми може да се „измами“ безбедноста, додека медиумите во Лондон се уште не веруваат дека целиот инцидент имал „романтична заднина“.

Некои весници го осудуваат Британецот во авионот кој направил селфи со киднаперот, додека траеле преговорите со полицијата за ослободувањето на патниците, стравувајќи дека зад целата оваа „претстава“ можеби се крие нешто поголемо.