Хан доаѓа во Скопје: Ќе ги убеди ли сите партии да заминат на дијалог во Париз

Комесарот Јоханес Хан следната недела доаѓа во Скопје.Ова ќе биде негова прва посета по завршувањето на локалните избори. Во објавата на твитер комесарот напиша дека се радува на средбите што ќе ги има со партиите но не прецизираше кои ќе бидат темите за кои ќе се разговара.

Во партиските кругови веќе се коментира дека главна причина за неговото доаѓање е да го слушне ставот на партиите во врска со иницијативата на европратеникот Иво Вајгл за разговори кои би се одржале близу Париз во куќата на еден од идејните творци на ЕУ, Жан Моне.

Останува нејасно за што би се разговарало во Париз или дали ова би можело да биде вовед во едно ново Пржино, овој пат да се обезбеди широк партиски консензус за спорот за името.

Засега само ДУИ се изјасни дека ја поддржува инцијативата на Европскиот парламент, додека пак ВМРО-ДПМНЕ е на став дека во секоја држава, за важни прашање, дијалогот треба да се одвива меѓу партиите и во рамките на државните институции. Оттаму уште додаваат дека во моментов не гледаат оправданост за вакви средби а не ги знаат и темите за кои би се разговарало.

Портпаролот на комесарот Хан, Маја Коцијанчич не одговори на прашањето на Тв Нова дали во Париз е планирано да заминат лидерите на политичките партии или пак партиски претставници.Таа нагласува дека ЕУ целосно ја поддржува иницијативата која дојде од Европскиот парламент.

-Тонско Маја Коцијанчич

Комесарот Хан побара и конструктивна соработка од сите политички сили во Македонија вклучувајќи ја и опозицијата за европските предизвици кои ја очекуваат Македонија во следниот период.

Игор Чавески