Кривична пријава и суспензија за полицаецот што пукаше во малолетници (ВИДЕО)

Кривична пријава за „убиство во обид“ и суспензија за полицаецот кој пукаше и повреди двајца малолетници во Струмица, сакајќи да ги спречи да побегнат. Истрагата на внатрешната контрола при МВР покажала дека тој неосновано, неоправдано и неправилно употребил средство за присилба- огнено оружје врз двајцата малолетници од Радовиш, односно постапил спротивно на одредбите од Законот за полиција, информираат од МВР.

„Против полицискиот службеник е поведена дисциплинска постапка пред надлежната комисија во МВР и со решение на министерот Оливер Спасовски полицискиот службеник ќе биде отстранет од работното место до завршувањето на дисциплинската постапка. До надлежниот јавен обвинител во Струмица е поднесена и кривична пријава поради основано сомнение дека полицискиот службеник сторил кривично дело „убиство во обид“, предвидено и казниво по член 123 и член 19 од Кривичниот закон на Република Македонија.“

Од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, нема нови информации за состојбата на едно од ранетите момчиња кое беше префрлено со посериозни повреди и прострелна рана во градниот кош. Според досегашните информации, момчето е примено на Клиниката во тешка здравствена состојба и врз него е извршен оперативен зафат на градниот кош. Сеуште е во критична состојба и покрај што се преземаат сите мерки за негова стабилизација. Другото малолетно лице е оперирано во болницата во Струмица и се наоѓа во добра здравствена состојба.

Инцидентот се случи пред два дена кога екипи од СВР Струмица се обиделе да го сопрат возилото во кое биле двајцата малолетници, а за кои претходно било пријавено дека се обиделе да извршат кражба на чамец во близина на браната Мантово. Малолетниците на два пати ја избегнале полициската патрола и не застанале, а потоа биле пресретнати од друго полициско возило на споредниот пат кај Градската капела. При обидот да се приведат осомничените, полицискиот службеник употребил огнено оружје при што биле повредени двете деца.

Јана Јосифоска