Поднесени осум кривични пријави

СВР Куманово поднесе кривична пријава  против О.М.(39) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривичното дело „разбојништво”. Пријавениот на 27.09.2017 година околу 19,00 часот влегол во продавница на улица „405“ во населбата “Иго Тричковиќ“ во Куманово, каде после сериозна закана, од појасот извадил пиштол којшто го репетирал и вперил во вработената, по што зел штека цигари “Малборо” и 15.190 денари од касата. На излегување од продавницата, пријавениот ја удрил вработената со пиштолот во пределот на  главата и побегнал.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.С. (46), Р.С. (44) и Н.С.(22), сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 21.08.2017 година околу 00:45 часот пред кафе бар на улица „Октомвриска Револуција“, по претходна вербална расправија пријавените, со тупаници и електро – шокови по телото и главата, физички го нападнале А.А.(41)  од село Љубодраг при што му нанеле повреди на лицето и главата.

 Полициската станица Струмица  поднесе кривична  пријава против К.Ѓ. (23) и И.Ѓ.(19), двајцата од село Баница-струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“ и „симнување и оштетување на службен печат и знак“. Од 10.05.2017 до 23.05.2017 година пријавените заедно со уште еден малолетник преку необезбеден простор влегле во кругот на АД „Струмица Табак“  во село Баница, чиј доверител е Управата за јавни приходи, насилно ги отвориле катанците од влезните врати од каде влегле во магацините при што одзеле кабли за електрична енергија, талпи и дигитални ваги, а извршиле и оштетување на поставените пломби од страна на УЈП Струмица.

Надворешната канцеларија за кривични работи од Делчево поднесе кривична пријава против М.Ј.(59) од Делчево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда”. Пријавениот на 30.08.2017 година во 16,30 часот во м.в Бановец атар на с.Бигла,-делчевско со употреба на физичка сила и дрвен стап, му нанел тешка телесна повреда на  лицето  П.А.(59)  од с.Бигла-делчевско.

СВР Куманово поднесе кривична пријава  против Р.А. (27) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“. Пријавениот на 19.09.2017 година околу 01,00 часот,  во казино на ул.“Гоце Делчев“ во Куманово, им се заканувал на присутните во казиното при што интервенирал и З.Б. службеното лице за обезбедување од Куманово, а пријавениот после вербална расправија и упатени навреди кон истиот излегол од казиното. По кратко време, пријавениот, се вратил и физички го нападнал З.Б. со што му нанел телесни повреди во пределот на телото и главата.

СВР Тетово  поднесе кривична пријава  против  Љ.Ц. (33) од село Мала Речица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На  25.03.2017 година при  претрес во домот на пријавениот на улица “Љуботенска“ биле пронајдени 48,38 грама марихуана, 131 таблета екстази и дигитална вага со остатоци растението марихуана.

НК КР   Кочани    поднесе  кривична  пријава против Т.Б. (36) од село Чешиново,  поради постоење основи на сомнение за сторени  кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“  и  „фалсификување на деловни книги“ и против  Е.С. (50) од село Чешиново, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“.

Првопријавениот во својство на директор на ООУ „Страшо Пинџур“ во с.Соколарци и покрај тоа што знаел дека второпријавениот од 28.12.2016 до  03.01.2017 година не бил на работа, односно бил во Италија, не презел мерки за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против второпријавениот, заради кршење на работниот ред и дисциплина. Иако Е.С. неоправдано изостанал од работа три последователни работни дена, односно пет работни дена  во текот на една година,  за да му овозможи да го продолжи својот работен однос, Т.Б. евидентните листови за присуство на работа  на вработените за учебната 2016/2017 година ги уништил, додека второпријавениот за деновите  28.12,  29.12. и  30.12. 2016 година во дневниците за работа ги евидентирал часовите како одржани.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Б.М.(32) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Пријавениот, преку посредување на А.П. од Охрид, на почетокот на јануари 2016 година го довел во заблуда  Е.Б. од Битола и договорил да купи од него возило  „БМВ“ за цена од 28.000 евра и да му ги исплати на две рати. На 13.01.2016 година по претходен договор на мобилен телефон пријавениот дошол во Битола и заедно со Е.Б. се упатиле кај нотар во Битола, кадешто пријавениот со Т.Н. од Битола направиле купопродажен договор. Потоа пријавениот заедно со Е.Б. се упатиле во Станица за технички преглед Битола кадешто ги одјавиле таблиците и пријавениот со возилото си заминал за Охрид, а парите за возилото до денес му ги нема исплатено.