ТЕЖОК ИНЦИДЕНТ ВО СТРУМИЦА: Полицаец застрела двајца малолетници, едниот е во тешка состојба

Полицаец застрелал двајца малолетници, од кои едниот се наоѓа во тешка состојба, во инцидент што се случил во близина на градската капела во Струмица. Пукањето се случила при обид на полициските службеници да го запрат возилото Опел Фронтера со словенечки регистарски таблички кое било управувано од тешко повредениот. Тој во два наврата ја игнорирал наредбата да застане и се обидел да избега на споредниот земјен пат што водел кон градската капела, каде што го пресретнало друго полициско возило, коешто успеало да го сопре опелот.

„Полицискиот службеник којшто го запрел возилото испукал два куршуми во воздух како предупредување, а во исто време на местото на настанот пристигнало и друго возило на МВР од кое излегле двајца полициски службеници и се упатиле кон Опел фронтерата за да ги приведат осомничените. При обидот да се приведат осомничените, полицискиот службеник употребил огнено оружје при што биле повредени Т.Д. и А.Ѓ. коишто веднаш биле пренесени во Медицински центар-Струмица, каде што од страна на лекар се констатирани повреди од огнено оружје“, соопштија од МВР.

Едното малолетно лице со посериозни повреди и прострелна рана во градниот кош веднаш било префрлено на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје, додека над вториот малолетник е извршен оперативен зафат во болницата во Струмица и тој се наоѓа во добра општа состојба.

Поради сериозноста на инцидентот, по наредба на надлежниот јавен обвинител веднаш на терен се излезени увидни екипи, а заради обезбедување непристрасност во постапката, во увидот се вклучени екипи од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи од Скопје.

„Издадени се наредби за анализа на биолошки траги, балистичко вештачење, како и вештачење на папиларните линии подигнати на лице место. Од сите инволвирани земени се примероци од крв и урина и парафински ракавици. Полицаецот од чие оружје било пукано е задржан во Полициска станица Струмица. Во текот на денот, во Основното јавно обвинителство – Струмица на записник ќе бидат сослушани сведоци на настанот“, соопштуваат од обвинителството.

Покрај двајцата повредени, во опелот се возеле уште двајца малолетници и едно момче родено 1998 година. Сите патници биле од Радовиш, а претходно биле пријавени дека се обиделе да извршат кражба на чамец во близина на браната „Мантово“.

Александар Арсовски