Кој ќе седне во владата: ДУИ и СДСМ можно е да ги трампаат правда и образование, Бошковски сака да биде министер

Локалните избори ќе ја предизвикаат првата реконструкција на владата на премиерот Зоран Заев. Неколкумина од министрите и заменици станаа или се на пат да бидат градоначалници па затоа ќе биде потребно да се изберат нови.

Кандидати има многу, но конечниот збор ќе го има премиерот по консултациите што ќе ги направи со коалициските партнери. Но, иако беше најавена, до средба помеѓу Заев, Ахмети и Села не дојде.

Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села вчера изјави дека иако останува во владата нема да го објави името на новиот министер за здравство се додека премиерот лично не му се јави на телефон.

Во игра за нов министер за здравство на местото на Арбен Таравари кој стана градоначалник на Гостивар се неколкумина кандидати. Алијансата за Албанците во своите редови има неколку истакнати лекари па велат дека  ќе можат да направат квалитетен избор.

Во игра за прв човек на здравствто се Беким Татеши, директор на клиниката за очни болести при Клиничкиот центар и неврологот Фатмир Беџети.

Како што дознава Тв Нова, и Љубе Бошковски, лидерот на Обединети за Македонија покажал министерски амбиции. Тој сака да биде министер без ресор, но се уште е нејасно дали премиерот Заев ќе се согласи на тоа.

Обединети за Македонија на последните локални избори ги поддржаа градоначалниците на СДСМ, додека пак на парламентарните беа во коалиција беше во коалиција со ВМРО-народна и со Достоинство но не освоија ниту еден пратеник.

Од владата си заминува и Рамиз Мерко, кој беше токму министер без ресор, но тој стана градоначалник на Струга.

Во партиски кругови се коментира дека е можно СДСМ и ДУИ да ги променат ресорите правда и образование. СДСМ сака Рената Десковска да биде министер за правда бидејќи професорката има најголеми познавања од оваа област, додека пак на ДУИ треба да му припадне министерството за образование.

Дали ова ќе се случи ќе биде познато по неделното прегласување во Чаир каде Висар Ганиу, кој е актуелен заменик министер за образование може да го изгуби градоначалничкото место од кандидатот на Беса, Зекирија Ибрахими.

Игор Чавески