10 години без Тоше (ВИДЕО)

Неповторливиот глас и инспиративната интерпретација, енергијата, несебичниот пристап кон публиката, хуманоста и посебноста со која се посветуваше кон секој човек е она по кое Тоше Проески е останува запаметен. Македонија и Балканот ни по 10 години, не можат да го прежалат. Денеска се одбележуваат 10 години од денот кога го загуби животот во сообраќајна несреќа на пат кон Загреб.

Традиционално и годинава се одржува маратонот од Нова Градишка до неговото родно Крушево, а не говите живот и дело се потсетуваат и учениците од основните и средните училишта. Фондацијата „Тоше Проески“ најави и нов албум кон крајот на ноември и почетокот на декември со песни на Тоше снимени на англиски јазик во студиото на Енди Рајт во Лондон. На албумот ќе има и неколку преработки на негови стари хитови.

Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година во Крушево. Музичкиот талент го покажал уште во рана возраст. Следуваат настапи и победи на сите позначајни фестивали во земјава и во регионот. Во 2004 година беше и македонски претставник на Евровизија. Објави седум албуми и огромен број хитови. Неговиот живот заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна.

Освен по музиката и неповторливиот глас, Тоше останува запаметен и по хуманоста. Неговиот последен концерт го преполни Градскиот стадион во Скопје, а средствата беа наменети за подобрување на условите во образованието. Тоше беше и амбасадор на УНИЦЕФ.

Елена Равановска