Амбасадорката на Босна, Лепа Бабиќ овозможи босанска вечер за љубителите на операта и театарот

Во рамките на 57 -то издание на „Охридско лето“, вчеравечер босанската уметност преточена во оперски концерт и театарска претства, ја имавме на македонска адреса. Црквата Св. Софија и предворијето ги собра сите љубители на уметноста.

Авнтентичниот и интимен простор на црквата беше резервиран за оперската певица Дуња Симиќ која во придружба на звуците од пијано за момент создаде мир и спокој кој ретко имаме можност да го доживееме на еден ваков концерт.

Гледалиштето од предворието на Црквата Св. Софија, преполно за театарската претстава „Жаба“ која има над 200 изведби досега како и филмска верзија…

„Го третира животот на обичниот млад човек во периодот од последните 20 и нешто години што го проживуваме речиси сите на овие простори на поранешна Југославија. Актуелно е за сите, не е само од локален карактер. Ќе препознаеме многу работи од сопствениот живот. Тоа е приказна за неснаоѓањето на обичниот мал човек во системот во кој живее во моментов, системот на традиција што ги меле малите луѓе“, вели актерот Александар Сескан.

„Мило ми е што со претставата „Жаба“ сме за прв пат во Македонија. Со неа го поминавме цел свет, ја играме веќе 10 години. Вечерва ни е 233-та изведба. Имаме снимено и филм. Мило ми е што Македонија заедно со Петар Салковски е копродуцент на филмот „Жаба“, со пари што ги добивме од Македонија, Србија, Хрватска, Еуроимаж и се разбира, Босна даде најмногу пари.

Два извонредни настани на „Охридско лето“ кои беа проследени и од истакнати јавни личности. Како гости во публиката беа министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Игор Црнадарк и амбасадорката на Босна и Херцеговина во Македонија, Лепа Бабиќ.

„Ова е и потврда дека БиХ и Македонија работат во насока на што подобри односи и дека тоа не е само обична приказна, обични средби, туку дека сакаме тоа да го спуштиме на ниво на секојдневниот живот, на секојдневните човечки активности и во Македонија и во БиХ. Затоа очекувам ова вечерва да биде навистина убава потврда на тие односи“, изјави Цранадарк.

Крајниот впечаток на артистите беше убавиот Охрид, но беа и изненадени од автентичниот простор каде беа изведени двата настани. Велат го сакаат Охрид, и доколку имаат можност повторно би му се вратиле.

Габриела Додевска