Дебата „Креативноста во Креативна Европа – потпрограма Култура“

Во организација на Одделението за Креативна Европа – потпрограма Култура при Министерството за култура на Република Македонија, а во соработка со Канцеларија за Креативна Европа – Култура на Филмскиот фонд на Република Словачка, денеска во Скопје ќе се одржи презентација и дискусија на тема: „Креативноста во Креативна Европа – потпрограма Култура“.

Гости на настанот се Зузана Дучова од Канцеларијата на Креативна Европа – Култура на Словачка и Зора Јаурова, претседател на Форумот за креативни индустрии на Словачка, кои преку примери на добра пракса ќе го презентираат словачкото искуство во оваа програма.

За време на настанот, како што информираат од Министерството за култура, ќе биде претставен бенефитот и импактот од специјалната акција на Европската комисија во рамки на програмата Креативна Европа, Кошице – европски град на културата во 2013 година, стратегиите и активностите на Форумот за креативни индустрии на Република Словачка и потребата и значењето од културните простори во поширокиот европски контекст.

Во вториот дел од настанот ќе се одржи дискусија за влијанието на програмите на ЕУ, Култура 2007 -2013 и Креативна Европа – Култура (2014 -2020) врз националните/регионалните, иницијативи и стратегии со корисниците на овие програми: Билјана Тануровска Ќулавковска, Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (проекти: „Градина на Европа“ и „Доживотно горење“), Искра Гешоска –Контрапункт, Асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи уметнички практики (проект: „Проширено естетско образование“ ), Мите Стефоски, Н.У. „Струшки вечери на поезијата “(проект: „Версополис“ – европска платформа за поезија); Ненад Стевовиќ, Издавачка куќа – ИЛИ ИЛИ (проект: „ЕУРОПЈАНА“).