Фестивал на италијански филмови во Битола

Во организација на Амбасадата на Република Италија во Република Македонија и јазично студио „Лингва“-Битола, од денеска до 22 октомври во битолскиот Центар за култура ќе се одржи традиционалниот Фестивал на италијански филмови.

Од секторот за односи со јавност на НУ Центар за култура-Битола информираат дека манифестацијата се одржува во рамки на 17. Недела на италијански јазик во светот.

– Свеченото отворање е закажано за вечер во 19.30 часот, а фестивалот ќе го отвори италијанскиот амбасадор Карло Ромео. Веднаш потоа, и во наредните денови до 22 октомври, секоја вечер во 20 часот во малата сала на Центарот за култура, бесплатно за заинтересираната публика ќе се емитуваат италијанските филмови. Вечер ќе биде емитуван италијанскиот трилер „Со затворени очи“, а потоа во наредните денови во битолското 3-Д кино ќе бидат приакажани и филмовите „Простете што постојам“, „Виногрев“ и комедијата „Споулавени од жени“, информираат од НУ Центар за култура-Битола.