Изложба „Живот во бои 2“ на Андријана Мациев

Во ликовната галерија на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица синоќа беше отворена изложбата „Живот во бои 2“ на Андријана Мациев.

Во изложбениот салон се поставени слики и цртежи на авторката, која за себе вели дека го гледа животот во бои.

– Драго ми е што имам прилика да ги изложам моите дела во Струмица. Лани бев учесник на Струмичката ликовна колонија и остварив навистина вредни контакти. Овој циклус „Живот во бои“ е втор дел кој настана пред една година. Иако сум графичар, и за нив се мисли дека гледаат во црно-бела комбинација, јас сепак навистина го гледам животот во бои, рече Мациев.

Промоторот на изложбата, академскиот сликар Александар Филев, истакна дека од делата на Мациев се препознава експресионистичкиот манир.

– Сликите делуваат како да се продуцирани со експресионистички манир и апстракција, приближувајќи се кон претстава на нематеријални нешта, внатрешната состојба на духот и душата, виталноста, животниот импулс…Во ова множество на бои и форми се испреплетуваат кругови во комбинација со геометриски линии и елементи во различни големини и бои создавајќи ритмичност на сликаните површини, рече Филев.