Новогодишен концерт во Кавадарци на битолскиот Камерен оркестар

Новогодишен концерт со музика од филмовите за Џејмс Бонд одржа синоќа во Кавадарци Камерниот оркестар од Битола. На сцената на Домот на култура „Иван Мазов Климе” беа диригентот Владимир Димовски кој прави аранжмани и триесетина музичари. Присутните уживаа во дванаесет композиции. Концертот заврши со божиќна песна од Мараја Кери. Како солисти пејачи настапија Наде Талевска, Ирена Димовска и Мики Секуловски. Настанот беше организиран во соработка со локалната самоуправа и културниот дом.

Никола Трајановски како координатор на оркестарот, упати благодарност до градоначалникот и општината Кавадарци.

Во оваа форма, оркестарот постои веќе четврта година и како што нагласи Трајановски, одлично функционира. Претходно опстојувал четириесетина години со прекини.

Ова беше втор настап на камерниот оркестар од Битола во овој град.

-Среќен сум што во Кавадарци го имаме последниот дванаесетти концерт за оваа наша успешна година. Всушност, за оркестарот ова е досега најуспешната година, нагласи Трајановски.