Објавена збирка есеи „Култура и книжевност“ од Иван Џепароски

Издавачката куќа „Магор“ ја објави збирката есеи „Култура и книжевност“ од Иван Џепароски, филозоф-естетичар, поет и истражувач на културата.

Во рецензијата за книгата, проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер истакнува дека авторот на длабоко ерудитен, прецизен и стилски рафиниран начин се расправа за горливите теми на современата хуманистика. Според неа, ракописот на Џепароски е „свежо и интересно четиво кое докажува дека филозофската доследност и книжевната ерудитност можат, и вообичаено, одат рака под рака со креативната луцидност, па и со лежерниот хумор и стилска комуникативност со читателската публика“.

– Имплицитна, а сепак централна позиционираност во овие есеи е (на извесен начин донкихотовската) потреба да се протолкуваат актуелните феномени на глобализацијата, масовните медиуми, популарната култура, дигитализацијата, читателовата рецепција и вкусот на публиката, за да може и во нив, и преку нив, и со нив, да се воспостави неопходната вертикала на естетски вредности, наведува Стојменска-Елзесер.

Иван Џепароски (1958, Скопје) е филозоф, поет и преведувач. Дипломирал, магистрирал и докторирал  на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што сега работи како редовен професор по неколку предмети и е раководител на Институтот по филозофија.

Џепароски е автор на дваесет и пет книги (поетски книги, книги од областа на естетиката и на културната теорија, поетски антологии и на теориско-есеистички избори). За своето творештво има добиено повеќе награди, меѓу кои и „Браќа Миладиновци“ од минатата година, а во 1993-та и наградата „Григор Прличев“ за поетски превод.

Неговата поезија и некои од неговите есеи се преведени на над десетина јазици во светот, а избори од неговата поезија се објавени во одделни книги во Бугарија и Романија. Неговата книга „Македонскиот есеј“ е преведена на англиски, француски, германски, руски, шпански и на кинески јазик.