Ахмети на работна средба со американскиот амбасадор Бејли

Изборниот процес и ситуацијата создадена по изборите, беше тема на разговор на денешната работна средба меѓу претседателот на ДУИ Али Ахмети и американскиот амбасадор Џес Бејли во Резиденцијата на американскиот амбасадор во Скопје.

Лидерот на ДУИ Ахмети, информираат од партијата, зборуваше за ставовите на ДУИ во однос на придонесот за стабилност и безбедност во земјата и сигурност на граѓаните.

– Ахмети ја истакна важноста на склучувањето на Рамковниот договор, но и јазична и економска еднаквост, реформи и владеење на правото како и евроатлантската интеграција, соопшти ДУИ.

Тој нагласил дека сите достигнувања во изминатите 15 години во земјата се реализирани во соработка со меѓународната заедница, вклучувајќи и разрешувањето на кризата.

– Затоа ова стратешко партнерство на ДУИ со американските сојузници ќе продолжи во духот на исполнување на заедничките интереси, полноправно членство во НАТО и ЕУ, се вели во соопштението од ДУИ и се додава дека на средбата Ахмети зборувал и за „одредени групи кои сакаат несигурност, геополитичка нестабилност и непредвидливост на земјата“.

Нагласил дека ДУИ е посветена на одржување на стабилноста и стратешката определба на земјата за партнерство со Брисел и Вашингтон.
Соговорниците се согласиле да го продолжат дијалогот во наредните денови.