Ахмети најави неколку опции, меѓу кои и нови избори

Иако во интервјуто лидерот на демократската унија за интеграции не сакаше дирекно да одговори на прашањето дали ќе преговара со ВМРО ДПМНЕ за формирање на нова влада, сепак Ахмети вели дека логично е да се отворат преговори со победничката партија во македоснкиот електорат.

Претседателот на ДУИ отвори неколку опции, во следниот период партијата ќе анализира, ќе се консултира со гласачите па потоа ќе донесе рационална одлука.

Не исклучува и нови избори, формирањето на нова влада го условува со платформата потпишана од три албански партии.

Коалиција помеѓу досегашните партнери, коалиција со СДСМ, широка коалиција, одење во опозиција или, пак, нови избори, се опциите за кои размислува Ахмети.

ВМРО ДПМНЕ има 100% македонски гласови, што не може да се каже за СДСМ, изјави Ахмети мислејќи на принципот или така наречениот мајски договор за коалиција со победничката партија, востановен по како што вели неправдата што ВМРО ДПМНЕ му ја нанесе на ДУИ во 2006-та година и не ја зема во владата.

„Треба да се разбере дека и на ВМРО-ДПМНЕ не му било лесно да коалицира со ДУИ во 2008 година имајќи во предвид дека само неколку години претходно тие беа „терористи“. Преговори со победничка партија се логичен след, имајќи предвид дека коалиција со СДСМ не би произведувала сигурност во државата, иако освоила 49 пратеници. Кој би ја гарантирал безбедноста во државата кога партија која не е победник на изборите би формирала влада. ВМРО-ДПМНЕ е политичка сила која има поголем капацитет од СДСМ, и има речиси 100% македонски гласачи“, рече Ахмети.

Ахмети одбегна да го коментира интервјуто на Никола Груевски за Дневник, рече дека партиските анкети покажале оти македонската заедница го мрази, но со силата на мајскиот договор сепак била почитувана изборната волја на мнозинството во албанскиот електорат.

Ахмети тврди дека се уште нема официјални средби за преговори ниту со ВМРО ДПМНЕ ниту со СДСМ, за вторите вели дека не се победничка партија и кој би гарантирал за тоа колку ќе има стабилна состојба. Не брзаме никаде, туку 99 пати ќе размислиме, а 100-иот ќе пресечеме, вели Ахмети.

Пандорче Антеска