Алексовски: Одберете програма која дава резултати и отчетност

Кандидатот за градоначалник за Крива Паланка од ВМРО-ДПМНЕ, Арсенчо Алексовски ја побара поддршката од кривопаланчани за неговиот трет мандат.

– Во недела, кога зад параванот ќе бидете сами, изберете и заокружете ја програмата која Ви ја нудиме ние, Коалицијата за подобра Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, програмата која дава резултати, а тие се видливи и ги направивме во изминатите осум години, програма која нуди конкретни проекти за кои даваме отчет, рече Алексовски, додавајќи дека негова цел е проектите да продолжат за развој на модерна и урбана општина.

Порача дека неговите проекти реализирани во изминатите осум години, кога во два мандати ја водеше општината, говорат за него и начинот и стилот на менаџирање.

– Не сееме магла и лажни ветувања како нашите опоненти, кои само ветуваа, а немаше со што да се пофалат дека е сработено. Покажавме дека можеме да ја измениме личната карта на општината, дека можеме да направиме проекти кои се од големо значење за жителите на општината, до најмлади до највозрасните. Направивме прекрасни места за одмор и рекреација, нов градски плоштад, асфалтиравме бројни улици и многу други проекти, истакна Алексовски.