Бејли: Поддршката на САД кон Македонија останува иста

Политиката на САД кон Македонија нема да се промени со изборот на новиот претседседател на Америка, изјави утрово амбасадорот на Соединетите американски држави во земјава Џес Бејли, по проследувањето на изборните резултати од претседателските избори во САД.

Бејли посочи дека во неговата кариера 14 години служел за републиканците, 16 години за демократите и може да посведочи дека САД не ги менуваат партнерствата и дека промените нема да се случат веднаш.

„Промените нема да се случат веднаш, ниту пак нашите партнерства ќе се променат. Поддршката на САД кон Македонија останува иста и нема да се промени. САД ја поддржуваат Македонија на нејзиниот пат на евроатлантските интеграции“, истакна Бејли.

Политичарите во Македонија исто така се согласни дека и во иднина нема да изостане поддршката од САД за земјава. Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека по завршувањето на изборите во САД и изборите во Македонија на 11 декември ќе продочжи да се продлабочува соработката.

„По завршувањето на изборите во Америка, како и по завршувањето на изборите во Македонија на 11 декември ќе пристапиме на она што се вика одржување и продлабочување на соработката со САД“, истакна Ѓорчев.

Потпретседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска истакна дека е разочарана што Белата куќа не ја доби првата жена претседател. Доналд Трамп не би бил изборот ниту на Артан Груби од ДУИ.

„Не можам да кажам дека како жена не сум разочарана што во Белата куќа не влезе жена-претседател, но но тоа е одраз на демократската волја на граѓаните, како што ќе биде на 11 декември во Македонија. Резултатите покажаа дека и покрај големата медиумска поддршка и покрај сите предвидувања, волјата на граѓаните не може да се заобиколи“м, рече Шеќеринска.

Традиционално, како и на претходните изборни циклуси, американската амбасада во земјава рано утрово организираше т.н. изборно утро во хотелот „Александар палас“ каде што американските граѓани во земјава, заедно со македонските политичари и новинари во живо на видео бим ги следеа резултатите од претседателските избори во САД.

Виолета Стоименова Наумовска