Блиска средба меѓу Трајановски и Шилегов (ВИДЕО)

Наместо промоција на „Платформата за чист воздух“, расправија за тоа кој е виновен за загеденоста. Главните претенденти за позицијата татко на градот, откако не успеаја да седнат лице в лице и да ги соочат визиите за Скопје досега во кампањата, благо речено ги спротиставија аргументите на настан организиран од граѓанска иницијатива.

Актуелниот градоначалник Коце Трајановски и адутот на власта Петре Шилегов влегоа во непланиран клинч, со тоа ставајќи го во втор план самиот настан и наместо аргументирана дебата спакувана во гледлив телевизиски производ, на избирачкото тело му понудија класичен скопски вербален дуел.

А сето ова тргна откако Шилегов го прозва својот ривал за момоентната ситуација со животната средина во престолнината, на што Трајановски не остана должен, одговарајќи дека наследил полоша состојба, која се обидува со сите сили да ја надмине.

Скопјани досега не добија шанса, одлуката за кого ќе гласаат на 15 октомври, меѓу другото да ја донесат врз основа и на она што веројатно би било исклучително интересна дебата, барем и на условно кажано, неутралниот терен во јавниот сервис. Не дека не беа повикани, безмалку сите телевизии предвидоа и се обидоа на едно место да ги соберат сите кандидати за градоначалник на Скопе, како и да е, тие некако планирано се разминуваа.

Шилегов дури и го прозва Трајановски, дека непојавувањето е ароганција и непочитување на граѓаните, но тоа го стори денот кога тој беше уредно поканет, а не се појави на дебата во Телевизја Нова, каде го чекаа тројца противкандидати, меѓу кои и Трајановски.
Како и во поголемиот дел од кампањата, преостанатите шест претенденти за позицијата беа во длабока сенка на извиканите партиски тешкаши, кои ќе имаат уште еден ден да понудат надмудрување, наместо надвикување.

Ивица Стојановски