ЦУК: Се уште активни неколку пожари во Македонија

Во пожарот на местото Фрлогоец (Женска планина) на Бистра Планина, гори сува трева, смрека и ниско стеблеста деградирана дабова шума. На терен се лица од Шумско стопанство „Лопушник“, а во гаснењето на пожарот делуваа и два авиони канадери на Дирекцијата за заштита и спасување, информираат од Центарот за управување со кризи.

Пожарот на местото „Коритски дол“ кој беше активен е со намален интензитет поради дејството на хеликоптерите и лицата присутни на теренот. Населеното место Растеш не е загрозено, а на терен е екипа на Јавното претпријатие „Македонски шуми“.

Попладнево, како што информираат од ЦУК, дејствуваат два авиони на ДЗС на активните жаришта на атарот на селата Волче и Заград на местото „Мрамор“. Моментално населените места Заград и Волче поради оддалеченоста од активните жаришта не се загрозени.

Пожарот на атар на село Грешница во моментов е под контрола и обиколен со заштитен појас. Гори нискостеблеста деградирана шума од смрека и даб која од претходните пожари беше опожарена.

За пожарот на атарите на селата Растеш, Заград и Волче ангажирани се лица од ЈП „Македонски шуми, ТППЕ – Македонски Брод, како и месно население. Попладнето дејствуваа и два авиони на ДЗС.

Појава на шумски пожар имаше и во планинскиот дел близу село Богојци кон правецот на село Татеши. Зафатена е нискостеблеста и дабова шума. Во гаснење на пожарот ангажирани се вработени од Шумското стопанство „Струга“.

Од ЦУК велат дека во Повардарски плански регион пожарот кај Јасеновска глава од страна на село Попадија е активен, но стишан и го гасат луѓе од Шумско стопанство „Бабуна“.

Во Богомила над стариот пожар утрово беше запален нов пожар, кој сега е стишен. На местото на пожарот има луѓе од Шумско стопанство „Бабуна“.

Пожарот во атарот на село Галиште во текот на претпладнето беше згаснат, но поради силен ветер повторно е разгорен. Гори на местата Ореов дол, Бајков осој, а огнот се движи кон село Галиште. Кон него се упатени сили за гаснење.

Пожарот во месноста Мушов Гроб кој поради ветрот се повтори е локализиран и се врши правење безбедносен појас. Гасат луѓе од Шумско стопанство „Бор“.

Во Северниот скопски плански регион пожарот помеѓу селата Гумалево и Дејковец, каде гори ниска неквалитетна шума, е со намален интензитет. Вработени од Шумското стопанство се на терен и продолжуваат со активностите за гаснење.

Од ЦУК соопштуваат дека во Пелагонски плански регион пожарот во близина на манастирот Трескавец и населените места Мажучиште, Мараморани и Горно Село, повторно е активен во правец на село Забрчани. Гори сува трева. На терен има екипа од ТППЕ и доброволци. Не постои опасност од загрозување на манастирот Трескавец.

Пожарот кај село Никодин каде се ангажирани вработени од ЈП МШ „Црн Бор„ – Прилеп е ставен под контрола. Пожарот во близина кај селата Крушеви и Бонче е локализиран, а екипата се повлекува од теренот.

Во Тетовско-полошки плански регион огнот во опожарените места, во близина на селата Гургурница, Копанце, Туденце и Сиричино се уште тлее и тоа на сува трева и ниско жбунести растенија. Огнот постојано го држат под контрола вработени во ЈП Македонски Шуми, припадници на ДЗС, граѓани од населените места, членови на ловни друштва, а по потреба, во мобилна состојба се и вработени во ТППЕ од Тетово.

Иста е состојбата и во село Корито, каде гори сува трева и нискожбунести растенија. И на таа локација ангажирани се ЈП Македонски Шуми, ДЗС, ТППЕ и граѓани. Околу опожареното место, направен е појас и ширењето на огнот е изолиран.

Попладнето е пријавен шумски пожар над село Волковија – Чегране кај местото Чука. На терен се пратени екипи од Територијалната противпожарна единица, додаваат во соопштението од Центарот за управување со кризи на РМ.