Димитриев: Изјавите на Рама не се во прилог на добрососедството

Премиерот Емил Димитриев преку социјалните мрежи се огласи за последните изјави на албанскиот премиер Еди Рама во кои Рама зборува за обединување на Албанија и Косово, доколку продолжи да се намалува перспективата за членство во ЕУ на земјите од Западниот Балкан. Димитриев предупредува дека Рама најотворено подгрева национализам и дека ниту Македонија, ниту ЕУ немаат дилема дека иднината на земјите од регионот е во Унијата.

Премиерот Димитриев истакнува дека ваквите изјави на неговиот албански колега не се во прилог на добрососедството и градењето пријателски односи и предупредува дека тие додаваат масло на огнот кој тлее и ги разгоруваат националистичките чувства кај сите поединечно.

-Никакво територијално прекројување, обединување или разединување не е во насока на поголема стабилност и мир, ниту на просперитет. Секоја држава од Регионот е суверена држава, a главна цел треба да и биде зголемување на стандардот на граѓаните, во сопствените граници. Доколку сите работиме посветено на решавање на проблемите дома, полесно ќе можеме да се приближиме кон европското семејство. Зашто иднината на Регионот не е во обединувањето на две држави или повеќе територии, туку иднината е во обединувањето на сите околу европските вредности во Европската унија, вели Димитриев.

Ставовите на Рама наидоа на одобрување и на претседателот на општината Бујановац, Јонуз Муслиу кој порача дека официјална Тирана има целосна поддршка за „обединување на Албанија и Косово“, но „без Прешево и без Ниш нема Голема Албанија“, што предизвика нова лавина реакции, откако на изјавите за обединување на Албанија и Косово веќе неколку дена реагира официјален Белград.

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, во последната изјава порачува дека Европската унија, САД и Велика Британија ќе бидат директно одговорни за последиците доколку не реагираат на изјавата на албанските политичари.

-Муслиу го придодаде Ниш, утре тоа ќе биде Скопје, Улцињ, Епир. Ќе проговорат ли ЕУ, САД и Велика Британија за ова. Ако тоа не го сторат и овој пат кога „Голема Албанија“ стаса до Ниш, директно ќе одговараат за последиците. Албанските политичари треба добро да ги одмеруваат своите зборови, бидејќи на меѓународната сцена ги нема нивните заштитници кои ја бомбардираа Србија за да ѝ го грабнат Косово на Србија, изјави Дачиќ.

По албанскиот премиер Еди Рама и косовскиот претседател Хашим Тачи се јави со слична порака дека доколку ЕУ му ја затвори вратата на Косово сите „Албанци од регионот ќе живеат во една единствена држава за да се продолжи со интеграцијата во европското семејство“.

На ваквите изјави реагираше и српскиот премиер и новоизбран претседател на земјата Александар Вучиќ, кој порача дека тоа се само желби, и српскиот министер за труд Александар Вулин, кој истакна дека на Брисел треба да му биде јасно дека голема Албанија значи и голема војна.

Со коментар се огласија и од ЕУ и НАТО, кои порачаа дека каква било форма на политичко мешање е штетна за добрососедските односи кои мора да се зачуваат и соработката со сите мора да биде рамноправна.

Виолета Стоименова Наумоска