Димитров: Можеме и мораме да направиме суштински исчекор на патот кон ЕУ во 2018

Нашиот пат кон ЕУ почнува дома, а до финалната дестинација – Брисел ќе стигнеме преку нашиот регион и преку соседниот, регионот на централна Европа. Со нашата реформска ориентација, позитивната политичка агенда и поддршката од нашите пријатели во Европа, вклучително и од осумте држави членки присутни денеска, во 2018 година можеме и мораме да направиме разлика и суштински исчекор, истакна шефот на македонската дипломатија  Никола Димитров на министерскиот состанок на земјите од Вишеградската група и земјите од Западен Балкан во Будимпешта.

На годинашниот состанок во рамки на Унгарското претседателство со Вишеградската група, централна тема беше евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан – забрзување на процесот на проширување, а се разговараше и за безбедносните предизвици во Западен Балкан.

Претставниците на Вишеградската група, како што соопшти МНР, ја реафирмираа посветеноста за натамошна поддршка на евроатлантската интеграција на Западен Балкан. – Констатирана е потребата од зајакнување на интензитетот во спроведување на неопходните реформски процеси во насока на приближување на земјите од Западен Балкан до Европската унија, посочуваат од МНР.

На маргините на состанокот, министерот Димитров имаше одвоени средби со повеќе колеги – учесници на состанокот В4 – Западен Балкан.

На средбата со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто беше подвлечена важната улога на Република Македонија во справувањето со мигрантската криза и придонесот кон стабилноста на регионот.

– Унгарија ќе продолжи да дава поддршка на европската и евроатлантската агенда на Република Македонија и да инсистира добивање датум за почнување пристапни преговори. Беше нотиран видлив раст во обемот на трговската размена. Кредитнита линија на унгарската Ексим банка е зголемена на 300 милиони евра што им стојат на располагање на двете држави, зајакната е комуникацијата меѓу двете држави со зголемување на фрекфенцијата на летови на унгарскиот авио-превозник  Wizzair, а на студентите од Република Македонија им се ставаат на располагање стипендии за студирање на унгарските универзитети, се наведува во соопштението од МНР