Елези: Да се најде начин да се продолжи мандатот на градоначалниците

Нема време за преговори, парламетарните политички партии  мора да вложат максимални напори и уште денес да се најде начин за деблокирање на работата на органите на општините преку законско продолжување на мандатите на градоначолниците апелира министерката за локална самоуправа Ширет Елези.

Истакнува дека по шест месеци од одржувањето на парламетарните избори политичката криза сериозно се заканува со целосна парализа на локалната самоуправа.

Од утре градоначалниците и советите на општините и на градот Скопје се без правно дефиниран статус, а граѓаните се оставени во недоумица дали ќе можат да ги остварат своите права пред органите на единиците на локалната самоуправа, преку постапки кои што веќе ги имаат започнато или пак имаат итна потреба од тоа. Локалната администрација и сите јавни служби на локално ниво се загрижени за своите плати, но и за начинот како во наредниот период ќе продолжат да ги извршуваат своите работни задачи заради непрекинато, континуирано сервисирање на граѓаните.

Голем дел од градоначалниците предупредуваат дека оштините ќе се соочат со целосна блокада а тоа најмногу ќе се одрази на граѓаните.

Со прекинување на мандатите на градоначолниците локалната самоуправа нема да може да ги извршува своите законски обврски и клучни надлежности. На граѓаните  ќе им бидат ускратени сите услуги што ги добиваат од локалната самоуправа, нема да можат да се исплаќаат плати во институциите под нејзина надлежност, како градинки и училишта и ќе се спречи реализацијата на инфраструктурните проекти,нема да може да функционира јавниот превоз. Освен јавните претпријатија блокада се заканува и на противпожарната служба, со оглед дека набавката на нафтени деривати нема да биде возможна без потпис на градоначалникот.

Андреа Сибиновска