Фероинвест не се откажува: Немало судир на интереси ќе учествува и на други тендери

Фероинвест ќе учествува не само на овој, туку и на други тендери каде има интерес. Вицепремиерот Кочо Анѓушев кој е еден од сопствениците на Фероинвест не е управител и согласно Законот за спречување на корупцијата и Законот за судир на интереси, не е во никаква незаконска консталација со управувањето на компанијата и со конкурирањето на сите тендери.
Ова е објаснувањето на управителот на групацијата „Фероинвест“ Ратко Ѓорѓиоски по повод тендерот за набавка на транспортни ленти на ЕЛЕМ во која што учествува и Фероинвест.
Оваа изјава на менаџментот доаѓа откако дел опозициската ВМРО-ДПМНЕ оцени дека компанијата била привилегирана на тендерот на државната ЕЛЕМ бидејќи еден од нејзините сопственици е вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Од менаџментот на компанијата велат дека нема да се повлечат од други државни тендери и сметаат дека учеството на тендерот на ЕЛЕМ кој се уште не е завршен, нема да му наштети на угледот на вицепремиерот Анѓушев.

– И досега Фероинвест во конзорциум со странски партнер на повеќе пати добиваше значителен дел од предвидените лотови. Најчесто добиваше само еден дел за вакви транспортни ленти кој е строго специјализиран, а се работи за лотови чиј квалитет е однапред дефиниран за кои „Фероинвест“ понуди најниски цени, истакна Ратко Ѓорѓиевски, управител на Фероинвест и нагласи дека се неточни информациите дека последниот јавен повик го има добиено групацијата „Фероинвест“.

Како што информираа од компанијата „Фероинвест“ поднел документи до ЕЛЕМ на 13 април годинава, кога Анѓушев сеуште беше управител, но не и вицепремиер, а двете електронски аукции што биле одржани на 3 јули и на 8 август, кога Анѓушев веќе беше во Владата, но биле поништени.  Следната електронска аукција се очекува да се одржи неделава.

ОД ВМРО ДПМНЕ и денеска обвинија дека вицепремиерот ја користи функцијата, во владата на Заев, за со парите на граѓаните, од Буџетот на Република Македонија, да го зголеми своето богатство на над 30 милиони евра.

-Да почитувани граѓани, Кочо Анѓушев од вашите пари, нашите пари, преку државното претпријатие ЕЛЕМ, во државна сопственост, си додели тендер во висина од 2.6 милиони евра на сопствената фирма „Фероинвест“, со што ќе го зголеми своето богатство на над 30 милиони евра. Ова е скандал од невидени размери и типичен пример за злоупотреба на државниот Буџет, се со цел лично богатење на врхушката на власт. Додека обичниот граѓанин макотрпно работи за просечна македонска плата, мултимилионерот Анѓушев за само еден ден заработува 2.6 милиони евра – вели Димче Арсовски, ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозицијата велат дека Анѓушев со ниту една изјава не може да го прикрие своето нечесно и неморално работење. И дека ова е само бонбона бизнис за владата на СДСМ, Заев и Кочо Анѓушев.

Инаку денеска и премиерот Заев го одбрани Анѓушев за јавната набавка на ЕЛЕМ, тврдејќи дека нема судир на интереси затоа што Анѓушев не е управител на Фероинвест, и посочи дека компанијата треба да продолжи да работи бидејќи постапката за овој тендер на ЕЛЕМ е почната многу порано пред Анѓушев да стане вицепремиер.

Александра Спасевска