Грчки медиуми откриваат: Македонија во јули влегува во НАТО, се е во рацете на Коѕиас и Сириза

Под наслов „ПЈРМ на 11-12 јули 2018 влегува во НАТО, прашањето за името во рацете на Коѕиас и Сириза“, грчкиот портал „диферњуз“ објавува текст во кој тврди дека постои утврден распоред за решавање на проблемот кој Грција го има со уставното име на Република Македонија.

Според порталот, кој се повикува на доверливи извори во грчките дипломатски кругови, Македонија, според распоредот, прво ќе ги повлече статуите и „целосно ќе го уништи планот Скопје 2014“ со цел да влезе во НАТО.

„Прашањето за името на ПЈРМ влегува во финална линија, и на самитот на НАТО на 11-12 јули 2018 година во Брисел, ќе има дефинитивно решение за името што ќе и овозможи на поранешната југословенска Република Македонија да влезе во Aлијансатa“, пишува порталот и додава дека доколку се се одвива според планот, тоа ќе има и симболика, затоа што ќе се случи точно 10 години од ветото на Грција на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.

Прво, според „диферњуз“, до февруари треба да има видлив напредок. Потоа, во април следната година Европската комисија ќе го претстави извештајот за напредокот во проширувањето, со барањето на Македонија да добие датум за почеток на пристапните преговори.

Порталот наведува дека со цел да се стигне до таму, новиот градоначалник на скопската општина Центар, Саша Богдановиќ, кој доаѓа од владејачката СДСМ, соопшти дека ќе формира  комисија која ќе го опфати целокупното работење на проектот „Скопје 2014“.

Грчки дипломатски извори изјавиле дека прашањето за Скопје се враќа во центарот на дипломатијата и се очекува да ја стави под тест доследноста на владејачкото мнозинство и главната опозиција.