Груевски: Кадровски промени и освежувања ќе има, најмногу во третиот ешалон

вмро

Третиот ешалон на тапет. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски во интервјуто за Дневник вели дека ако ја формира владата планира кадровски промени најмногу во третиот партиски ешалон. Помал дел во првата, поголем дел во втората половина од годината. Од овие функционери на партијата имало револт. Некои се однесувале премногу бирократски, трети биле заморени. Некои го загубиле жарот и енергијата. Тоа Груевски го увидел за време на кампањата шетајќи од место во место.

-Има и такви што ги загубиле енергијата и високата мотивираност што ја имаа. Почнале премногу административно да одговараат, без да се потрудат да им помогнат на луѓето, туку само им даваат бирократски и административни одговори. Едноставно не „гризат“ како некогаш кога станува збор за работење, за помагање, за креативност во секојдневната работа, во борбата секој ден, односно и одново да се докажуваш. Имаат капацитет, имаат знаење, имаат искуство, и сè е тоа во ред. Но немаат жар, го немаат еланот од порано, не се максимално мотивирани, релаксирани се, вели Груевски.

Институцијата со која раководат треба да ја водат со ист елан како да е нивна приватна фирма од која им зависи личниот опстанок, вели Груевски.

-Секој што не се бори за успех на институцијата што ја води, со ист елан, енергија, мотив, жар како да се бори за своја приватна фирма од која му зависи личниот опстанок, значи дека го достигнал зенитот и треба да се замени со некој друг, кој, можеби, во почетокот ќе е помалку искусен или ќе има нешто помалку знаење, особено она што се добива од искуството, од работењето, но ќе има жар, мотивираност, силна амбиција, ќе создаваат возбудлива атмосфера во институциите со кои раководат, ќе ги мотивираат и другите во таа институција, ќе ги раздвижат работите, ќе внесат свежина, чувство за секојдневно себе докажување и напредок, индивидуи и тим кои постојат за да создадат големи нешта и кој победува, вели Груевски.

Оваа потреба во најголем дел според Груевски произлегла од одењето на терен и разговорот со многу луѓе, компании или самите раководители на различни нивоа. Постојат вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ такви функционери кои треба да се сменат поради создадени лоши навики, грешки и пропусти во работата, и да се даде шанса и на други од кои ќе се очекува уште поголем учинок и успех.

Градимир Марковски