Груевски: Постојат разлики околу патриотизмот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Сорос

Постојат идеолошки разлики во сфаќањето на патриотизмот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и американскиот милијардер Џорџ Сорос, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во третиот дел од интервјуто за „Република“.

Според Груевски, неговата партија веројатно не е дел од концептот и идеологијата на Сорос затоа што ги смета за националисти, но според него, не е националист тој што си ја сака државата, тој може да е само добар патриот. Ако и тука со Сорос имаме разлики, а можно е да имаме, тогаш, дефинитивно, имаме идеолошки разлики, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

За Груевски, идеолошките разлики се очигледни бидејќи дена од активностите на Соросовите невладини организации е врбување на поспособните млади луѓе низ универзитетите, од сите етнички и религиски припадности, и нивна класична индоктринација преку предавања, меѓу другото, за концептот на држава и национална припадност, а во правец дека не треба да се чувствуваат Македонци, туку граѓани на светот, утопистичка идеја која никаде не функционира, а ние треба да сме експеримент и да ја загубиме државата со таков однос кон неа.

„Во време во кое има 35 активни војни за територии во светот, во време кога ни упаѓаат терористичко- криминални групи со цел да запоседнат дел од територијата на нашата држава, со оружје посовремено од нашата полиција, во време кога излегуваат разноразни извештаи на поранешни разузнавачи дека ќе се прекројуваат граници на Балканот, при што Македонија е посочена како земја од која треба да се намали еден дел, во време кога не ни ги признаваат идентитетот и името, Соросовите невладини организации пропагираат и наметнуваат чувство на срам и тоа го прикажуваат како да е под чест да се има цврст став за вакви теми. И се борат со сите сили да нѐ симнат од власт за полесно да тераат со СДСМ. Па, со таа цел нѐ прават националисти, недемократи, режим, криминалци, лоши луѓе, ни спинуваат, ни вадат од контекст“, вели Груевски.

Глобалниот идентитет не треба да ги негира, да ги исклучува националниот и државниот идентитет, туку тие треба да се надополнуваат, да бидат комплементарни, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто. Тој прави паралела за обидите тој и неговата партија да се претстават како националисти и она што му се случуваше на новиот американски претседател Доналд Трамп, односно дека низ кампањата во Америка, многу медиуми пренесуваа дека Трамп е против Мексиканците, Американците од Јужна и од Средна Америка или против мигрантите.

„Читајќи ја внимателно книгата „Повторно величествена“, се уверив дека Трамп не говори така. Тој вели треба да ја сузбие нелегалната миграција, која во Америка е огромна и во најголем дел доаѓа од Мексико и од земјите со латински јазици од Јужна и од Средна Америка. А, што пренесуваа медиумите? Дека Трамп рекол оти е против Мексиканците, против имигрантите, дека имигрантите се силувачи и убијци итн. Значи, тотално вадење од контекст на една добра и благородна идеја, нешто што секој здраворазумен човек би го поддржал, но ако така стигне до него, како што е кажано“, додава Груевски.

Паралелата која тука се прави, вели Груевски е во однос на обвинувањата насочени кон ВМРО-ДПМНЕ за национализам кон Албанците. Груевски во интервјуто потсетува дека токму неговата партија ги има направено најважните работи за Албанците, а тој никогаш не кажал ниту еден лош збор за нив.

Според шефот на ВМРО-ДПМНЕ, Албанците, го немаат чуено ова бидејќи некои медиуми и политичари што се негови противници им врежале во глава дека тој е против албанското население, што според Груевски е невистина. Значи, паралелата е во спинувањето, во лагите на медиумите и во политичкиот противник без ниту еден факт… заклучува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.