Груевски: Во 2006-та од СДСМ наследивме буџет од само 3 милиони евра, Владата веднаш беше блокирана поради заостанати долгови

Не се точни обвинувањата од СДСМ дека државната каса е празна, изјави денеска лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.

Вистината е сосем различна, а оваа недела слушнавме во јавноста дека во Буџетот има средства во износ од 180 милиони евра, за разлика од 2006 та кога имаше само 3 милиони евра и десетици извршувања на тужби. Буџетскиот дефицит годинава е само околу еден процент и е еден од најниските во историјата на Македонија.

“Обвинувањата од страна на СДСМ дека наводно ќе сме им оставеле празен буџет, имено вистината е сосема различна од тоа. На почетокот од оваа недела како што слушнавме и во јавноста во буџетот имаше средства во износ од 180 милиони евра и ова е сумата која што ја има на салдото на буџетот. Од нив дел по одлуката на Уставен суд ќе одат за субвенции на земјоделците, а тоа се околу 50 милиони евра, така што оставаме огромни средства на новото мнозинство кое што деновиве ја преговара владата. За разлика од 2006 кога влеговме во владата имаше само 3 милиони евра и десетици подготвени извршувања на тужби добиени од други компании кои со месеци чекале кога ќе влезе новата влада тогаш да ги активираат. Само што влеговме во владата иако имаше 3 милиони евра, за десетина дена се активираа десетици и десетици извршни решенија на судски решенија што ги имала владата и владата беше блокирана, тоа е СДСМ, а ова денес е ВМРО-ДПМНЕ и тоа е разликата“ изјави Никола Груевски, лидер на ВМРО ДПМНЕ.

Груевски заедно со министерот за транспорт и врски Мисајловски денеска извршија увид на реконструкцијата на автопатската делница Скопје – Куманово. Деновиве почна темелна реконструкција, инвестицијата е 5 милиони евра, а ќе биде готова до крајот на годинава. Делницата пак од Куманово кон Скопје е 98 отсто завршена и за неколку недели ќе биде во целосна употреба. Двете се во должина од 23 килиометри, а вкупната инвестиција изнесува 10 милиони евра , средства обезбедени од ИПА И Буџетот на Р. М

“Се на се, двете страни, Куманово – Скопје и Скопје – Куманово ќе чинат некаде околу 10 милиони евра, нешто што е многу важно зашто практично она што го правиме е да целата делница, целиот коридор 10, односно автопатот Александар Македонски или се гради каде што го нема, или се целосно и темелно се реконструира“, истакна Груевски.

Во тек е изградба на 3 нови автопати, и тоа Демир Капија Смоквица кој треба да биде целосно готов за 2 месеци, потоа Скопје – Свети Николе –Штип, и Кичево Охрид во вкупна должина од 132 километри, а во тек е рекострукција на уште три 3 автопатски делници Смоквица Гевгелија, Неготино – Демир Капија, Куманово Скопје( Миладиновце) во должина од 40 километри, со вкупна вредност од 812 милиони евра. Почнува реконструкција на Велес Градско , а истовремено се врши проектирање на нов автопат Гостивар- Кичево

“Во моментот се градат три автопати, едниот е веќе речиси готов, а тоа е Демир Капија-Смоквица, во полн ек и во длабока фаза е Скопје-Штип и Кичево-Охрид, а дополнително се врши реконструкција на три автопати и тоа Куманово-Скопје, Неготино-Гевгелија како и реконструкција на автопатот Гевгелија-Смоквица и се заедно во вредност од 850 милиони евра“, изјави Груевски.

Со инвестиција од 5, 5 милиони евра привршува и реконструкцијата на новата зграда на Министерството за транспорт и врски. 96% од работите се готови, а до крајот на јуни вработените ќе се вселат во новите простории

Објектот на 5 ката, зафаќа 4.580 квадрати, што ќе значи двојно повеќе простор од состојбата пред реконструкцијата. Министерот за транспорт и врски Мисајловски го информираше Груевски дека на овојн начин ќе се овозможи сите сектори и органи на ресорот транспорт и врски да бидат на едно место, наместо како што е сега на повеќе локации во Скопје.

Љупка К. Камчева