ХАЧИСОН: Македонија и Грција се близу до договор за името (ВИДЕО)

Македонија и Грција се многу близу до договор за спорот со името, смета постојаниот амбасадор на САД во НАТО Кеј Бејли Хачисон. Таа во интервју за „Вашингтон пост“ вели дека Македонија е следната земја што може да ги исполни критериумите за членство во НАТО, но проблемот е името „Македонија“ кое треба да биде прифатливо и за Грција.

Прашана дали како амбасадор ќе се заземе за Македонија да стане 30-та земја членка на НАТО, Хачисон рече дека Алијансата има политика на „отворени врати“ за нови земји членки, но тие треба да исполнуваат одредени демократски и воени стандарди.
Хачисон во интервјуто посочува дека поради спорот со Грција нема едногласно гласање за членството на Македонија.

– Сметам дека сите ја гледаат Македонија и нејзиното исполнување на овие стандарди. Има уште малку до целосно исполнување, но верувам дека ако кажат дека се близу до договор за спорот со името, а ние сакаме да имаат име какво што тие сакаат или во некоја друга форма, но мора да има едногласен консензус. Сметам дека се многу близу. САД ги поддржуваат и ако можат да го исполнат последното парче на внатрешен план и работат кон слободни избори и силна влада, тогаш ќе бидат следната земја членка, изјави Хачисон.

Изјавата на американската амбасадорка околу членството на земјава во НАТО и спорот со името доаѓа по најавите за интензивирање на преговорите меѓу Македонија и Грција за проблемот со името по локалните избори. Министерот за надворешни работи Никола Димитров и официјално пред неколку денови изјави дека процесот за преговори за името ќе започне по локалните избори. Во врска со проблемот кој Грција го има со уставното име на Република Македонија и разговорите со посредништво на медијаторот Метју Нимиц, неодамна и шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас по средбата со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека „постои отворен прозорец за можности“ да се разговара за прашањето за името по завршувањето на локалните избори во Македонија и доколку „соседната земја го напушти иредентизмот“.

Јана Јосифоска