Хан: Во регионот на западен Балкан постои голем потенцијал

Во глобализираниот свет на крајот од денот, сите сме мали играчи, па така земјите членки на Европската унија чекор по чекор го создадоа најголемиот единствен пазар каде инвеститорите имаат пристап до голем број потрошувачи, изјави денеска еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан на предавањето што беше организирано од страна на цивилниот сектор во Белград.

– Значи, големината е важна, констатираше Хан, наведувајќи дека договорот ЦЕФТА не претставува алтернатива за пристапување кон ЕУ, ниту спореден колосек, ниту ќор-сокак, ниту го менува, ниту го одложува членството во Унијата, туку, спротивно од тоа, тоа е еден чекор напред во вашата подготовка за пристапување кон единствениот пазар на ЕУ и секако, ги решава одредените структурни слабости на целиот регион, како што се, меѓу останатото, и недоволно развиениот ланец за снабдување.

– Според тоа, се гледа дека тука има голем потенцијал во самиот регион, под услов да се направи напредок во заедничкиот регионален простор, оцени Хан.

Тој нагласи дека Европа е заснована на региони. – Потребни ни се силни, урамнотежени региони, не сакаме економски силен дел на Европа и слаби делови на Европа, истакна комесарот.

– За општ успех и напредок на Европа, има голема смисла уште еден блок од 20 милиони луѓе да биде вклучен во Унијата, смета Хан.

Од друга страна, според него, слободен е изборот на земјите да се одлучат дали сакаат или не да ја искористат таа можност.

Хан наведе дека секојдневно ги следи истражувањата за јавно мислење и оти поддршката за ЕУ се менува.

Тој потенцираше дека Европа често се доживува како некој што „постојано нешто бара, условува, да се промени ова, да се реформира тоа“, и тоа е, како што смета Хан, човекова реакција.

– Кога нешто се менува тоа сосебе носи неизвесност, а тоа луѓето не го сакат, тие сакаат да знаат што ќе се случува утре. Реформите не се секогаш добредојдени. Морате да ја гледате суштината, кој навистина ви дава нешто, опипливо. Ние и на нашите граѓани мораме да им се обраќаме. И во Европа секој не е среќен кога зборуваме за проширување на Унијата, мораме и на нашите граѓани тоа да им го објасниме, што е користа и зошто сакаме нови членови, нагласи Хан.