Харалд Кочи: Заев ја продава душата на ѓаволот, платформата води кон тотално редефинирање на Македонија 

Охридскиот рамковен договор (ОРД) наметна обврски кои сите до една беа исполнети од македонската страна, дури и апсурдното прекројување на општинските граници, додека албанскиот шовинизам не беше ни дискутиран, изјави д-р Харалд Кочи – поранешен амбасадор на Австрија во Македонија и политички аналитичар за програмата „Гласот на народот“ со Слободан Томиќ на Радио Слободна Македонија.

Според Кочи сето тоа што беше креирано и објавено во Тирана под покровителство на шеф на друга држава, претставува мешање на Албанија во внатрешните работи на една соседна држава.

Поранешниот австриски амбасадор смета дека СДСМ е партија која е многу затворена кога се работи за нејзината програма и работа. Неодговорно е тоа што СДСМ и нејзиниот лидер Заев сега прифаќаат точки во својот коалициски договор, кој во крајна линија може да води до редефинирање државата, ако не и до нејзино исчезнување од картата на светот, вели Кочи.

Според поранешниот австриски амбасадор, раководството на СДСМ ги измамило своите гласачи со постизборното прифаќање на барањата од албанската платформа и коалицискиот договор со албанските партии.

„Јас можам да претпоставам дека сега многу гласачи на СДСМ знаејќи ги овие партиски цели би гласале сосема поинаку. Мое лично мислење е дека заради неговата желба само да се довлече до власт, откако обидите за пуч предминатата година пропадна, господинот Заев, како што велиме ние во Австрија си ја продал душата на ѓаволот“, потенцира др. Кочи.

Д-р Кочи во интервјуто зборуваше и за двојните аршини на западните демократии во однос на некои прашања кога истите ги тангираат нив и кога истите го тангираат некој друг. Како типичен пример го спомена позитивниот став на западот кон платформата од Тирана, додека од друга страна во Европа жестоко се реагира кога турски министри сакаат изборно да се презентираат во нивните турски заедници во Европа.