Иванов: Тиранската платформа е директно мешање и загрозување на независноста на Македонија

Тиранската платформа е директно мешање, но и загрозување на независноста на Република Македонија, а содржинските барања не се само политички опасни, туку се и противуставни, вели претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во интервју за австрискиот дневен весник „Винер Цајтунг“.

– Која европска држава би прифатила платформа на туѓа држава, да биде основа за создавање на влада кај неа. Ако се загрозува независноста на државата, и ако државата се доведува во подредна состојба и зависност од друга држава, тоа кај нас е казниво дело, истакнува Иванов.

Во интервјуто за „Винер Цајтунг“, тој посочува на македонскиот модел на интеграција без асимилација.

– Ние сме мултиетничка демократија, во која никој не е дискриминиран поради неговата припадност кон некој народ и никој не е исклучен. Во Владата има етнички Албанци како министри за одбрана и како министри за европски прашања. Ние сме држава на граѓаните на Македонија. Но, етничките Македонци се народ за себе, бидејќи овде си го оствариле правото на сопствена држава. Турците своето право на своја држава го оствариле во Турција, Србите во Србија, вели македонскиот претседател.

Ова, како што додава, важи и за Албанците. – Тие го оствариле своето право на сопствена држава во нашата соседна држава, Албанија. Сега дури и во Косово. Ако македонските Албанци сакаат да бидат конститутивен народ во Македонија, тогаш сакаат правото на сопствена држава да го реализираат и овде, без да ги земат во предвид државните граници на Македонија. Ова го предвидува платформата од Тирана. Тогаш по Албанија и Косово, Македонија би била третата албанска држава. А дали е можна и федеративна Грција, бидејќи и таму живеат приличен број на Албанци?, вели претседателот Иванов во интервју за „Винер Цајтунг“.