Караџовски: Оцените за судиите се од доверлив карактер

Зад затворени врати Судскиот совет го разгледуваше барањето од повеќе кандидати за претседатели на Врховен и Кривичен за повторно оценување поради незадоволство од оценките на вонредното оценување кое беше спроведено во декември. На самиот почеток на расправата претседателот на Советот Зоран Караџовски соопшти дека екс претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова доставила писмено барање во кое навела дека сака да присуствува на седницата и истата бара да биде јавна.

Караџовски рече дека нема ниту законска ниту деловничка можност расправата да биде отворена за јавноста оти како што рече според Законот за Судски совет оценувањето се врши зад затворени врати но и поради заштита на интегритетот на судиите.

Дел од приговорите за повторното оценување се прифатени а дел се отфрлени. Кај оние кандидати каде што има измена во бодовите ќе има измена и во оценката, рече Караџовски но не одговори кој конкретно побарал повторно да биде оценет.

За време на точката кога се разгледуваа приговорите не присуствуваше в.д. претседателката на Врховен Снежана Бајлозова која е кандидат фаворит за претседател на највисоката судска инстанца. Таа одби да ги коментира приговорите оти како што рече не би било фер да дава изјави додека целосно не заврши изборот.

Според информациите во јавност претставки се поднесени против Владимир Панчевски и Иван Џолев кои се противкандидати за Кривичен, но и против Лидија Неделкова и Јово Вангеловски кои се во трката за претседател на Врховен. Советот нема да го земе ова предвид при оценувањето а конечниот избор се очекува да се случи до крајот на месецот.

Михајло Видимлиски