Клековски: Јасно е дефинирано со каков капитал влегуваат партиите во изборите

Јас мислам дека многу јасно е дефинирано кој ќе биде капиталот со кој ќе влезат политичките партии во изборите, рече во емисијата „Аргументи“ на ТВ Нова политичкиот аналитичар Сашо Клековски.

„Кај ВМРО-ДПМНЕ тоа се резултатите и тоа ќе биде повторување на кои фабрики се донесени, кои фабрики ќе се донесат, колку работни места се отворени, ќе има снимки со дронови од автопатот кон Штип, кон Охрид, Демир Капија… Ќе бидат промоција дека ВМРО-ДПМНЕ испорачува тоа што ветува“, вели Клековски.

„СДСМ јасно е дека влегува во ова кампања со обвинувањата за корупција во власта. Мислам дека повторувањето на клучните реченици изговорени од Протоѓер, од Јанкуловска, од Јанакиески во снимките, мислам дека добар дел од кампањата ќе биде базирана на тоа“, констатираше Клековски.

Во вечерашната емисија „Аргументи“ на Телевизија Нова со Љубиша Николовски гостуваат политичкиот аналитичар Сашо Клековски и политологот Ненад Марковиќ. Темата на која се дебатира е „Како до изборите, што по изборите“.