Конвенција на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – објавени кандидатските листи за пратеници

Сега му е мајката Зоран Заев и сета негова деструктивност и црни сценарија да бидат поразени. На 11 декември граѓаните ќе избираат помеѓу нови проекти од наша страна и деструктивна политика на СДСМ, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и носител на четвртата изборна единица на денешната конвенција на Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на која беа објавени листите со кандидатите за пратеници за претстојните парламентарни избори на 11 декември.

-Овие избори ќе бидат поразлични и по една друга работа, јас ќе бидам во 4-тата изборна единица. Едноставно, дојде време Заев откако не се кандидираше на листите во 2014-та, и откако како кандидат за премиер не дојде да се кандидира во ИЕ 1 во главниот град на државата, јас да отидам во ИЕ која тој ја избра, рече Груевски.

Груевски објави и 4 нови проекти од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Вели СДСМ ќе се занимава со нереални ветувања, а тие со она што реално ќе го изградат со најобемната политичка програма досега…

Значи, само денеска кажувам 4 нови проекти во нашата програма. Намалување на ДДВ-то од 18 на 5% и низа даночни поволности во повеќе области, целосна обнова на возниот парк на македонски железници, нов експресен пат од Битола до Меџитлија и обнова и реконструкција на влезовите во Битола, како и 79 милиони евра во изградба на експресни и регионални патишта за градовите и населените места во 4та изборна единица. Ќе има уште многу нови проекти. Затоа ние сме поразлични од нив и затоа ние имаме поддршка од народот, затоа што народот знае што е подобро за него, знае кој може да направи подобро за него и за нашата држава. Тој виде дека ние кога ветуваме потоа реализираме, остваруваме, рече Груевски.

Свои обраќања имаа и останатите носители на кандидатски листи на коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ. Велат дека ќе издвојуваат голема победа со 63 пратеници за крај на кризата.

Овој тим на чело со Никола Груевски ќе добие мнозинство од 63 пратеници во Собранието рече во своето обраќање носителот во првата изборна единица, Никола Попоски. Овој тим носи странски инвестиции и отвора нови работни места, наместо деструктивни и антидржавни политики, истакна Попоски.

Поминаа години на негирање на македонските институции, на негирање на македонската држава и на македонскиот народ. Години на платенички револуции, на притисоци, истакна на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ носителот на листата во втората изборна единица, Никола Тодоров.

-Лошото поминува. Од денес тргнуваме уште посилно кон излез од кризата и невремето што ни го приреди Заев со неговите така наречени невладини организации. На 11 декември- народот си доаѓа по своето. Така силно ќе ги пораз и да не знаат каде да се свртат. Не само заради нив, туку и за на никого повеќе да не му текне, да не се осмели да тргне против сопствениот народ и сопствената држава. Како што вели нашиот народ – За памет. Победуваме. Победуваме заедно и сплотени. Победуваме силно во оваа тешка и долга битка. Победуваме со 63 пратеници за стабилна држава, за стабилна Македонија, рече Тодоров.

Носителот на листата во третата ИЕ, Илија Димовски, во своето обраќање порача дека Народот на 11-ти декември ќе му покаже на Заев колку е убаво лицето на Македонецот. Ова е коалиција која ги обединува сите граѓани. Ја видоа нашата сила, нашата енергија, нашето единство. Уплашени се, не знаат кај тераат, листи не можат да состават, не па државата ќе воделе, изјави Димовски.

-Дојде време да ставиме крај на кризата, дојде време да ја вратиме стабилноста на Македонија, дојде време да го вратиме мирот во домовите на нашите сограѓани, дојде време да им покажеме на сите колку е цврста кичмата на нашиот народ, да им покажеме колку е убаво лицето на Македонецот. Велат грди биле лицата на Македонците, грди биле лицата на оние кои што не сакале да ја свиткаат кичмата, грди биле лицата на оние кои не сакаат редефинирање на државата, промена на Уставот, на оние кои што се против двојазичност, грди биле лицата на патриотите. Има ли овде некој кој што не е грд, сите ли сме грди?, рече Димовски.

Сакаме да имаме стабилна држава, ние сме тука за да победиме, да донесеме нови странски инвестиции. Заев нека носи нови разузнавачи, ние ќе носиме нови инвестиции. На Македонија не и требаат нови кризи, порача носителот на петтата изборна единица Антонио Милошоски. Тој најави подобрување на успехот и подобар изборен резултат од претходните парламентарни избори. Милошоски истакна дека имаат работа со политички опоненти кои постојано ги продавале националните интереси.

-Имаме работа со политички опоненти кои продадоа многу национални интереси само за да останат на власт. Сега нема што да продаваат немаат економска програма ниту план, и затоа сега се решени да го продадат јазикот да ја продадат и унитарноста само за да дојдат на власт. На 11 декември ќе имаме победа на оние кои се грижат за интересите на Република Македонија, рече Милошоски.

Го имаме најквалитетниот кандидат за премиер, изјави Влатко Ѓорчев, носителот на шестата изборна единица. Груевски или Заев- тоа е изборот. Изборот е јасен. Македонија порачува Никола Груевски за премиер, а ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со 62 пратеници. Ѓорчев потенцираше дека ќе бидат посетени сите градови, населени места и села во западна Македонија.

-Ние во 6-та изборна единица ќе одиме во сите населени места и градови и ќе порачаме: Западниот дел на Македонија цврсто стои на унитарноста на државата, го браниме уставниот поредок. Изборот е унитарност и уставен поредок или двојазичност и федерализација. Во таа дилема, изборот за Македонија се знае кој е! Ова е битка за Македонија, за државата се работи, изјави Ѓорчев.

На конвенцијата на коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, свое обраќање имаше и носителот на изборната листа број 7 од дијаспората, Рамазан Мифтароски. Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е единствената партија која се грижи за македонските иселеници. Иселениците и дијаспората заслужуваат и мораат да имаат свои претставници во собранието на Република Македонија, порача Мифтароски.