Лес: Прво федерализација на Македонија, а потоа припојување на дел кон Албанија

timoti-less

Албанското малцинство да добие одредено ниво на независност односно федерализација, а потоа спојување со матичната држава Албанија. Вакви идеи за прекројување на границите на Балканот како што пренесува Дневник, објавува Тимоти Лес, поранешен политички секретар во амбасадата на Обединетото Kралство во Скопје во анализата во „Форин полиси“. Во неа тој заговара формирање голема Србија, Хрватска и Албанија. Лес, кој сега ја раководи агенцијата „Нова Европа“, вели дека во прекројувањето на границите има три сценарија.

-Прво и најдобро би било за регионот да решат Велика Британија, Германија, Франција, Русија и Турција со надворешна помош на САД. Што за ова мислат народите чија судбина би требало да ја кројат големите сили, овој бивш политички британски секретар не го интересира. Втората е Америка и ЕУ да им го препуштат Балканот на Русија и на Турција, а третата и најлоша, меѓународната заедница целосна да се повлече од регионот, што би ја отворило можноста од нови судири, пишува Лес.

Лес смета и дека било погрешно што по конфликтот во Југославија се формирале мултиетнички наместо национални држави.

-На Балканот нема услови за создавање успешни мултиетнички држави во кои тамошните граѓани, без разлика на националноста, би имале еднакви права, сигурност и економски можности. Тоа е регион во кој постои недостиг од демократска традиција и уставен либерализам, кој на малцинствата им дава самодоверба и доверба во институциите на државата, вели Лес.

Во интервју за Вечерњи лист Лес вели дека Македонија, БИХ и Косово и онака се де факто поделени. Смета дека евентуално создавање на националните држави, на крајот, би било попозитивно отколку негативно, зашто во балкански контекст, територијално дефинираната држава е некој вид политички ентитет, кој би можел на примерен начин да ги гарантира правата и безбедноста на населението.

Во Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, постојат незадоволни малцинства на етнички хомогени подрачја, вели Лес, чии стремежи предизвикуваат тензии, а тие три држави се дисфункционални.

Според Лес во Хрватска, Србија и Албанија е можна интеграција на малцинствата иако во претходните анализи заговараше одвојување на Прешево, Медвеѓа и Бујановац.