Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски се сретна со Рама

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и албанскиот премиер Еди Рама на денешната средба разговарале за македонско-албанските односи, за актуелната политичка состојба и за стратешките приоритети на Република Македонија.

Како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, Груевски на средбата посочил дека е за отворена соработка со Република Албанија базирана на принципиелна основа.

– Во таа насока не помагаат различните документи како што е Тиранската Платформа која, како по формата во која беше промовирана, така и во својата суштина нема да допринесе за развивање на пријателство базирано на искрени основи меѓу двете држави, и може да има негативен ефект во однос на меѓусебниот соживот во Република Македонија, истакнал Груевски.

Според него, добредојдена е поддршката на Република Албанија за интеграција во НАТО и дека постојат заеднички предизвици за напредок на патот кон Европската Унија, во чие исполнување на соработката е очекувана.

Груевски, како што стои во соопштението, истакнал дека добрите односи меѓу двете држави кои треба да се развиваат ќе придонесат за релаксирање на атмосферата и градење на доверба која е потребна за економски и политички напредок на регионот.