Македонската дијаспора од Европа со протест за унитарна Македонија пред Европската комисија во Брисел

Стотина македонски граѓани од дијаспората во Западна Европа, попладнево со мирен протест пред зградите на Европската комисија и на Европскиот совет го кренаа својот глас за унитарна Македонија и против, како што порачаа, евробирократијата која сака да и ја одземе самостојноста и унитарноста на македонската држава.

 Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во организација на македонската дијаспора од Швајцарија, но со присуство на Македонци од Германија, Италија, Холандија, Белгија и Луксембург, македонските граѓани поднесоа декларација до неформалната Влада на Европската унија, во која бараат немешање во македонското прашање, зачувување на македонската унитарност и овозможување на Република Македонија да го користи своето уставно име и со истото да стане дел од Европската унија и НАТО.
Покрај извиците „Македонија вечна“, „едно име имаме“, „не за тиранска платформа“, „не ја даваме Македонија“, проследени со традиционални македонски песни и ора, присутните стотина граѓани истакнаа и транспаренти со пораки „Не сакаме Влада на Сорос“ и слики до ликот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев и пораки „предавник“. Сепак, организаторот на протестите посочи дека целта со денешниот протест е да се каже стоп на странските замешателства во македонските работи и да се испрати љубов и поддршка на граѓаните на Македонија.
-Тука сме за да ја пренесеме пораката во Европа и светот, собрани од сите страни на Европа, за да можеме да го искажеме нашиот гнев кон замешателите во македонските работи, како и да ја изразиме нашата љубов кон Македонија. Силно не засегаат премрежијата низ кои минува нашата држава и не можеме да седиме со скрстени раце и друг да ги пренесе пораките за зачувување на унитарноста на македонската држава, истакна Драган Смиловски од македонската дијаспора од Швајцарија.
Присутните на протестот неколкупати се оградија од било-какви партиски припадности на поединци или поврзаност на протестот со политичка партија. Според нив, Македонија е единствена ѕвезда водилка што ги натерала да пропатуваат по повеќе стотина километри за да присуствуваат на денешниот собир ред Еврокомисијата и Евросоветот.
– Нашата порака одовде од Брисел е дека сите ние што сме Македонци од било-која точка на светот, дека нема никогаш да ја оставиме мајка Македонија некој да ја распарчува, порача Дончо Костадинов, Македонец од Штутгарт (Германија) со потекло од струмичкото село Мокрино.
Според она што го истакнаа присутните, нивната борба за Македонија нема да застане и дека Македонците од Европа ќе организираат вакви и слични настани во сите поголеми градови на „стариот континент“, со цел одбрана на унитарноста на Македонија и државните обележја како знамето, јазикот и химната, кои според нив се под сериозна закана на тиранската платформа и Владата што би се создала од политичките партии во македонската држава што ја застапуваат оваа платформа.