Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ има најдобра понуда за претстојните локални избори

ВМРО-ДПМНЕ е опцијата која подготвува најдобра програмска и најдобра персонална понуда за кандидати за градоначалници и советници за претстојните локални избори. Тоа е гаранција за успех и нова убедлива победа на претстојните локални избори, вели Христијан Мицскоски генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој најави дел од кандидатите за градоначалници со кои ќе се претстави партијата.

– За Град Скопје, актуелниот и досега најуспешниот градоначалник господинот Коце Трајановски. Неговите успеси и работа се видливи насекаде низ градот Скопје. Благодарение на посветената работа на господинот Коце Трајановски и тимот околу него се изградија и проширија редица булевари и улици, се подигнаа нови зелени појаси, паркови и велосипедски патеки. Се изградија две катни гаражи и дополнително се обезбедија нови паркинг места. Изградена и реконструирана водоводна мрежа од прилика 81.793 метри. Се изградија нови плоштади, а се изградија и реконструираа и детски градинки и училишта. Овие и уште стотина други проекти кои господинот Коце Трајановски ги направи во својот мандат придонесоа градот Скопје да прерасне во вистинска метропола која сега е поставена на мапата на туристички дестинации и која годишно е посетена од страна на десетици илјади странски туристи – рече Мицкоски.

Тој информираше дека за општина Росоман, актуелниот градоначалник господинот Стојанче Лазов е потврден кадар кој изминатите години ја потврди поддршката на граѓаните со големиот број реализирани дела и проекти. За општина Гази Баба, актуелниот градоначалник господинот Тони Трајковски, кој зад себе има дела, изградени се преку 82 патишта со должина од околу 98км, изградени се 11 км водоводна мрежа, изградени и реконструирани училишта, градинки, спортски сали и низа други комунални и инфраструктурни проекти за граѓаните на општина Гази Баба – информира Мицкоски.

За општина Дебар, ВМРО-ДПМНЕ го предлага докторот Драган Клопчески, лекар во здравствениот дом во Дебар, угледен и почитуван граѓанин од страна на сите жители на општина Дебар без разлика на нивната етничка, верска и политичка припадност.

– Овие кандидати како и досега промовираните кандидати се потврда на нашиот приоритет и понатаму да работиме посветено на континуираниот развој на општините и квалитетот на живеење на граѓаните. Тие ќе бидат тимот кој ќе продолжи да гради нови улици, училишта, градинки, локални патишта, да ја подобрува комуналната услуга, да изгради нова инфраструктура и пред се да биде подобар сервис за потребите и барањата на граѓаните. Граѓаните ги гледаат делата и врз основа на нив мудро ја даваат својата поддршка. Овие избори покрај тоа што ќе бидат избори на локалната власт истовремено ќе бидат и казна за штетната и погубна политика која Социјал-демократскиот сојуз ја почна и ја спроведува во овие сто дена, а која јасно покаже дека ја води државата во погрешен и погубен правец. Поради катастрофата која ја прави Социјал-демократскиот сојуз општините добиваат 8% помалку од средствата од ДДВ, поради катастрофата во економијата која ја прави Социјал-демократскиот сојуз се намалува просечната плата, а трошоците за живот и цените растат, поради катастрофата во економијата која ја прави Социјал-демократскиот сојуз паѓа индустриското производство, а бизнисите на господата Заеви и на Анѓушев растат – рече Мицкоски.