Мрчела: Македонските судови се способни да ги водат и најсложените предмети за криминал и корупција

ГРЕКО не е тој што ќе им каже на државите како треба нешто да уредуваат, ниту јас можам да кажам дека Македонија нешто треба да направи или да не прави. Секоја држава е суверена и таа самата ќе си го уреди системот, истакна Марин Мрчела, претседател на ГРЕКО групата на држави за борба против корупцијата во Советот на Европа во интервју за ТВ Нова.

„Според тоа, тоа не е наша надлежност. Но штом ќе се спомене специјален суд, тука има некаков впечаток дека е некаквa специјална или некоја вонредна состојба. Стандардите на кривичната постапка се во ситуација кога и постои потреба за некаква засиленa активност на одредено подрачје во кривичното право, тоа се прави во однос на одреден вид на предмети. Затоа во Хрватска постојат обвинители кои се бават само со организиран криминал и корупција и постојат судии кои работат на тие предмети. Но, основање на судови само за еден предмет и за пет предмети, тешко може да се најдат примери во компаративна пракса“, истакна Мрчела.

Тој изрази сигурност дека македонските судии се способни да ги водат и најсложените предмети на организиран криминал и корупција, и додаде дека овие постапкки имаат одредена тежина, а за нив се потребни образовани обвинители и судии.

„Јас сум сигурен дека македонските судии, а со нив имам контакт, се повеќе од способни да ги водат и најсложените предмети на организиран криминал и корупција. Доколку се сака да се посвети одредено внимание, треба тие судии да се оспособат за да го направат тоа. Основање на суд како институција само за еден предмет или за некои личности, тоа дава впечаток за некаква вонредна состојба каде тоа секако е политичка одлука, но може да доведе до сомневање за веродостојноста на постапките и една постапка која би била во согласност со некои востановени правила. Тоа секако не значи дека судиите и обвинителите не смеат посебно да се образуваат, напротив мораат да се образуваат бидејќи тие постапки имаат одредена тежина, но дали е потребен посебен суд, тоа е друго прашање, но дека требаат образовани обвинители и судии, тоа секако“, додаде Мрчела.