Муслиу: Потребата за познавање на јазици е потреба за релаксација на односите

Потребата за познавање на јазиците е потреба за релаксација на односите и не гледам потреба некој да биде присилен да учи Албански, но не гледам ни потреба некој да биде присилен да не го учи, зашто тоа е многу погрешен пристап, истакна политичкиот аналитичар Алберт Муслиу во ОКО на ТВ НОВА.

„Јас знам многу јазици и тоа прави да можам да се разберам каде и да одам. Ако говориме за „рамката“ за волја на вистината, рамката на Охридскиот договор е надмината со првиот Пржински договор. Таму има член што вели дека овој договор и неговото исполнување ќе создадат добри предуслови за хармоничен развој на односите меѓу заедниците.“, изјави Муслиу.

Тој говореше и за пратеничките листи на политичките партии кои создадоа реакции во јавноста, особено откако неколку еминентни личности не се најдоа на листите на опозицијата.

„Во сите партии имаше личности кои беа еминентни и не се на листите и не знам држава во која сите членови на партијата биле задоволни од листите. За тоа им честитам на владејачката партија каде немаше глас во јавноста на оваа тема, иако не верувам дека немало незадоволство“, смета Муслиу.

Оваа недела во ОКО со Горан Петрески се зборуваше за изборните ветувања и очекувањата од резултатот. Гости во програмата беа политичките аналитичари Виктор Грозданов и Алберт Муслиу, понатаму Владимир Божиновски, професор од правен факултет и Љупчо Цветановски, новинар во ТВ АЛФА.