ОИК-Штип: Болните и изнемоштени лица и осудениците ќе гласаат на 28 октомври

Болните и изнемоштени лица во вториот круг на локалните избори за избор на градоначалник на општина Штип ќе гласаат на 28 ми октомври, информира денеска Весна Зенделова член на Општинската изборна комисија-Штип.

Таа истакна дека оние болни и изнемоштени лица кои гласаа во првиот круг, доколку сакаат повторно да гласаат на 28 ми октомври потребно е да достават само известување, со кое потврдуваат дека и во вториот круг ќе глсаат дома, без да поднесат медицинска документација. Но, оние кои од различни причини во првиот круг немаат доставено барање, тоа можат да го сторат од денеска.

– Потребно е да се достави следната документација, важечко решение за користење на туѓа нега или решение за мобилност издадено од Центарот за социјални работи. Извештај од специјалист со потврда од матичен лекар со која се потврдува дијагнозата на лекар специјалист, со понов датум, а едното без другото не се прифаќа. Полномошно и известување кои доколку ги немаат можат да се подигнат од канцеларијата на ОИК-Штип, вели Зенделова.

Таа истакна дека крајниот рок за поднесување на потребната документација за да болните и изнемоштени лица гласаат во своите домови е до сабота, односно 21 октомври до 24 часот на полноќ.

Во штипскиот Затвор ќе гласаат оние осуденици во чии општини има втор круг на локалните избори, гласањето ќе се реализира на 28 октомври и гласачкото место ќе биде отворено во седум, а затворено во 19 часот.