Османи: Наш мандатар е албанскиот граѓанин

Принципот победник со победник ја одредува формата на функционирање на владата. Меѓутоа платформата ја дава суштината на функционирање, изјави Бујар Османи од ДУИ во вечерашното издание на „Аргументи“ со Љубиша Николовски.

Според Османи, политичките партии постојат за да реализираат некоја платформа, која, пак, е договор помеѓу граѓаните на денот на изборите и политичките партии.

„Ние потпишуваме договор со граѓаните и им велиме: Овој мандат ние ќе го реализираме ова што ни го доверивте како платформа“, вели Османи.

Османи вели дека одлуките на ДУИ ќе имаат реперкусии и дека не сакаат со нивните одлуки да ја продлабочат кризата или да го зголемат анимозитетот помеѓу етничките заедници во Р. Македонија.

„Не велиме дека со ВМРО ќе се зголеми, можеби со СДСМ ќе се зголеми, можеби со ВМРО. Затоа нема да зборувам за некои преференци. Ние немаме преференци. Ние немаме стратешки партнер. Наш мандатар е албанскиот граѓанин којшто ни дал мандат да ги претставуваме нив и да ја претставуваме оваа платформа“, рече Османи.

Османи објасни дека ДУИ влегува на овие преговори без никакви прејудицирања, без никакви преференци, меѓутоа со мислата секогаш дека нивната одлука ќе влијае за понатамошниот тек на движењето на државата.

„И тоа ја прави таа одлука потешка“, вели Османи.