Партиска одлука: ДУИ ќе учествува на преговорите во Париз

ДУИ активно ќе учествува во „Жан Моне“ дијалогот, ќе ги стави државните интереси пред партиските, што впрочем и го потврди во минатото, порачал координаторот на пратеничката група на Демократската Унија за интеграција (ДУИ) во Собранието Ејуп Алими на денешната средба со Иво Вајгл, европратеник и известител за Република Македонија во Европскиот Парламент.

На средбата Вајгл го информирал Алими дека воспоставувањето на еден нов формат на политички дијалог т.н. Жан Моне на кој ќе учествуваат претставници од сите парламентарни партии, има за цел интензивирање на реформскиот процес во земјата и приближување на Република Македонија кон ЕУ и НАТО.

Покрај за дијалогот „Жан Моне“, двајцата соговорници размениле мислења за политичката состојба, текот на неодамна одржаните локални избори, системските реформи, добрососедските односи, како и членството на земјата во евроатлантските структури.

Притоа Алими истакнал дека резултатите на локалните избори што претставуваат потврда на програмските определби на владејачката коалиција за длабоки реформи, евроатлантска интеграција и еднаквост во општеството.

Тој, како што информираат од собраниската прес-служба, посочил дека по завршување на локалните избори Парламентот се враќа на реформската агенда и уште поактивно ќе се посвети на мерките и активностите што се во насока на отстранување на сите забелешки и пречки за евроинтегративните процеси на Република Македонија.