Пејовиќ-Османи: Македонија и Црна Гора заедно ќе ги подобруваат евроинтегративните процеси

Состанокот на Заедничкиот комитет помеѓу Македонија и Црна Гора, во рамки на Договорот за соработка меѓу владите во процесот на евроинтеграции, е основа за соработка и размена на искуства, насочени кон подобрување на евроинтегративните процеси како на двете земји така и на целиот регион, изјави вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, пред почетокот на средбата со црногорскиот министер за европски прашања, Александар Андрија Пејовиќ.

– Преку овој комитет создаваме основа за соработка, размена на искуства и стекнати знаења, насочени кон подобрување на евроинтегративните процеси, како на двете земји така и на целиот регион, истакна Османи.

Тој потсети дека Македонија прва во регионот пристапи кон процесот на Стабилизација и асоцијација уште во 2001 година, и во наредниот период силно напредуваше во процесот на пристапување кон ЕУ.

– Нашите искуства тогаш ги споделувавме со сите земји од регионот и секако со Црна Гора. И денес откако изминавме долг период на застој во напредокот кон ЕУ, црногорското искуство како земја која ги почна и успешно напредува во преговорите со ЕУ, несомнено претставува значајна придобивка како за Македонија, така и за останатите земји аспиранти од регионот, посочи Османи.

Тој истакна дека напредокот во евроинтегративните процеси на Македонија, за среќа, не претставуваат изолиран случај на Балканот, туку е во иста насока со новиот бран регионален европски оптимизам, кој е проширен и кај земјите членки на Унијата.

– Овој напредок особено се забележува во Црна Гора, која покрај отпочнувањето на преговори со ЕУ, стана и полноправна членка на НАТО. Тоа претставува добро основа, како за нашиот, така и за севкупниот регионален напредок, но секако, за нас е многу важно, што на тој пат имаме поддршка од нашите земји пријатели, каква што ја сметаме поддршката и од Црна Гора, заклучи Османи.

Црногорскиот министер за европски прашања истакна дека Македонија била прва земја со која го потпишале овој договор.

– Во тоа време Македонија беше далеку понапред во процесот на европски интеграции, во согласност со тоа го следевме вашиот пример, согледувавме и учевме од вас кои чекори ги направивте во тие години за да се дојде до напредок во овој процес, рече Пејовиќ.

Тој истакна оти денес ситуацијата е поинаква и Црна Гора е предводник на евроинтеграциите, со 28 отворени и три затворени поглавја, а се очекува и отворање на три нови поглавја до крајот на годината.

– На овој комитет ќе разговараме за тоа како политички можеме да се поддржиме едни со други, Црна Гора од пред три месеци стана членка и на НАТО и во тој контекст ќе дадеме политичка поддршка, и тука сме со вас да помогнеме да станете што побрзо членка и на Алијансата, додаде Пејовиќ.

Тој посочи дека Црна Гора досега променила над 60 закони во областа на владеењето на правото, поглавјето 23 и 24, кои се клучни поглавја преку кои се гледа напредокот на земјата и преку кои се докажува успешноста на системот во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Пред овој состанок на Заедничкиот комитет меѓу Македонија и Црна Гора, беа одржани два вакви состаноци, од кој првиот беше одржан во Скопје, додека вториот беше одржан минатата година во Бар, Црна Гора.