Попоски: Пред секој обид за демонстрирање на глобално лидерство, секој добро да погледне во сопствениот двор

Не е добро политичари од регионот да влечат чекори за потреби на претстојни избори. Целта е да создадат слика дека раководат со сите политички партии со етнички предзнак во регионот. Разбирливо е дека тоа се прави и за внатрешна употреба и за сопствениот рејтинг дома. Но, сепак, овие практики се надвор од нормална меѓусоседска соработка. Најдобро е пред секој обид за демонстрирање на глобално лидерство, секој добро да погледне во сопствениот двор. Така, политичарите и во тие земји ќе се фокусираат на подобрување на домашните слабости – ова е ставот на министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Попоски потенцира и дека кај нашиот сосед, како и на други места Европската комисија идентификувала проблемите со правниот систем, борбата со криминалот и корупцијата, основните човекови права и слободи.

„Објективно, сите ние имаме повеќе од доволно домашни проблеми за да се занимаваме со туѓите. Секако, претходниве точки треба да се приоритет пред еден политичар да се впушти и во идејни толкувања на Уставот на соседна земја. Не верувам дека ова е приоритет за даночните обврзници во неговата земја, особено при толку нерешени прашања дома“, вели Попоски.

Попоски реагира и на изјавата на албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати во која Македонците ги нарекува „Славо-Македонци“.

„Кој како именува некого е веројатно и одраз на почит и воспитување. Ние сме Македонци и ништо повеќе, ниту ништо помалку. Ниту еден демократ не би имал потреба групно или племенски да етикетира. Денес, во Европа е потребен речник и култура за 2017 година, а не за 1913 година, реагираше Никола Попоски на изјавата на албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати во која коментираше за внатрешните случувања во Македонија и Македонците ги именуваше како „Славо-Македонци““, вели Попоски.